ССНМ апелира да се заштитат новинарите и медиумските работници за време на гласањето

35

Со оглед на комплицираната ситуација поради коронавирусот, како и строгите протоколи кои ќе се применуваат на денот на гласањето, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги повикува Државната изборна комисија, политичките партии, како и сите надлежни институции да обрнат внимание на заштита на здравјето на новинарите и медиумските работници .

ССНМ посебно изразува загриженост за начинот на кој ќе се спроведе известувањето, односно покривањето од страна на медиумите на чинот на гласањето на високите партиски функционери, кои традиционално предизвикуваат големо внимание .

– Од досегашното искуство при гласање на одреден политичар во гласачкото место влегувале над 15 сниматели и фоторепортери, што имајќи го предвид протоколот за гласање, најмногу двајца гласачи истовремено, како и големината на просторот каде што се гласа, претставува ризик како за медиумските работници, така и за претставниците на избирачките одбори и набљудувачите . Затоа повикуваме навремено да се разгледаат овие потенцијално проблематични ситуации и да се донесат правила и протоколи според кои јавноста нема да остане неинформирана, снимателите и фоторепортерите ќе си ја завршат непречено својата работа, а притоа и здравјето на сите инволвирани ќе биде максимално заштитено – велат од ССНМ.

Истовремено ги повикуваат медиумските работници максимално да ги почитуваат правилата и протоколите за заштита додека ги извршуваат своите работни задачи. Од синдикатот апелираат до ДИК и другите надлежни институции да им овозможат на новинарите и медиумските работници безбедно да можат да си ја вршат работата на денот на изборите.