СПЦ стравува од ревизија на томосот од 1922 година

1029
Фото: Игор Бансколиев

Според српските аналитичари, пак, најавата дека Вселенската патријаршија прифаќа дека го разгледува прашањето за еклитон (жалба) за автокефалноста на МПЦ-ОА, значи дека со тоа ВП ќе го потврди почетокот на негирањето или дека ќе направи ревизија на томосот на СПЦ од 1922 година

Ќе има ли ревизија на томосот што Вселенската патријаршија во 1922 година ѝ го има дадено на Српската православна црква за епархиите во Македонија и во Црна Гора, е дилемата што се наметнува во српската јавност по одлуката на патријархот Вартоломеј да ја прифати жалбата на МПЦ за решавање на нејзиниот црковен спор. Верските аналитичари во Србија коментираат дека потезите на патријархот Вартоломеј водат кон ревизија на тој томос и дека ова што се случува сега е само почеток на тој процес.

Српските медиуми пренесуваат жестоки реакции на одлуката на патријархот Вартоломеј да се поканат претставници од СПЦ и од Македонската православна црква-Охридска архиепископија во насока на советување и на обид за наоѓање заеднички прифатливо решение меѓу двете страни. Ваквиот потег на патријархот дојде по средбата што македонската државна делегација ја имаше со него во понеделникот.

Познавачи на состојбите во православието во Србија велат дека Вселенската патријаршија прифаќа дека го разгледува прашањето за еклитон (жалба) за автокефалноста на МПЦ-ОА, значи дека со тоа ВП ќе го потврди почетокот на негирањето или дека ќе направи ревизија на томосот на СПЦ од 1922 година.
– Како темел на тој томос се потврдува дека СПЦ ја смета не само Македонија туку и Црна Гора, како нејзина канонска територија. Дотогаш, Црна Гора имала своја автокефална црква, основана во 1485 година, која, наводно, била неканонски уништена под „српската воена окупација“ – велат аналитичарите.

Освен од Србија, жестоки реакции на најновиот развој на настаните во православниот свет дојдоа и од Москва. Владимир Лејгода, портпаролот на Московската патријаршија, изјави дека вселенскиот патријарх Вартоломеј решил да ѝ забие нож во грб на Српската православна црква со намера да го реши македонското црковно прашање.
– Константинопол има намера да легализира уште еден раскол. Патријархот Вартоломеј го поддржа апелот на Македонската православна црква. Тој очигледно решил да ги постави политичките елити што ја користат религијата во нивните игри. Во суштина станува збор за нож забоден во грбот на Српската православна црква, која веќе се соочува со прогон во Црна Гора – изјавил Лејгода.

Во врска со македонското црковно прашање, според Лејгода, целта на неодамнешната средба на патријархот Вартоломеј со македонската државна делегација била во насока да се разгледа можноста за враќање на регуларноста во црквата на Северна Македонија, под името Охридска архиепископија.

Првичните прогнози на македонската експертска јавност се дека македонското црковно прашање станува дел од приоритетите на Вселенската патријаршија и во периодот што следува треба да се очекуваат многу поконкретни чекори за решавање на овој повеќедецениски проблем, но и многу турбуленции во православието.


Битка за превласт

Во овој период Вселенската патријаршија и Руската патријаршија се во битка за превласт во православието. Според експертите, постапките на Руската црква се со намера да се спречи признавањето на автокефалноста на МПЦ, а Вселенската патријаршија е со мотив да демонстрира дека таа е црквата што има право да потпишува томоси за автокефалност. На страната на РПЦ е СПЦ, а на страната на Вселенската патријаршија е дел од блокот на грчки цркви, како Грчката и Кипарската црква.


И Црногорската црква се надева на автокефалност

Митрополитот на Црногорската православна црква, Михајло, изјави дека се надева на скорашно целосно признание од Вселенската патријаршија, но дека најмногу го мачи внатрешното негирање.
– Патријархот Вартоломеј рече дека ќе ја проучува историјата на Балканот и дека на другите православни цркви треба да им се даде автокефалност, осврнувајќи се на Црногорската православна црква и на Македонската православна црква – посочил митрополитот Михаил.

[email protected]