Спорен е континуитетот на осумвековната автокефалност на СПЦ

343

Најавата за одбележување на осумвековниот јубилеј на Српската православна црква предизвикува реакции, но и критики, бидејќи, според познавачите на состојбите, станува збор за јубилеј што не може историски да се поврзе со 800 години континуитет на автокефалноста

Средниот век одамна завршил и сосема погрешно е да се бара континуитет на современите настани, процеси и институции со нешта што се случиле пред 800 години. Сосема погрешно и анахроно е проектирањето на средновековните институции во современието. Вака црковниот историчар Драган Зајковски од Институтот за национална историја ја оценува одлуката на Српската православна црква оваа година да одбележува јубилеј од осум века автокефалност. Настанот е предвиден да се случува во октомври годинава со серија активности и за СПЦ претставува еден од најзначајните јубилеи во нејзината историја.
Во црковните кругови во православието овој настан предизвикува реакции, но и критика, бидејќи, според познавачите на состојбите, станува збор за јубилеј што не може историски да се поврзе со 800 години континуитет на автокефалноста на Српската православна црква.

Сепак, според Зајковски, сите денешни помесни православни цркви со национален предзнак се повикуваат на некакво средновековно наследство, но сепак тие како такви се формираат и автокефалноста од Константинополската патријаршија ја добиваат во 19 и 20 век. Таков е случајот со Православната црква на Грција (формирана 1833 г., признаена за автокефална во 1850 г.), Романската православна црква (формирана 1865 г., признаена за автокефална во 1885 г.), Албанската православна црква (формирана 1922 г., признаена за автокефална во 1937 г.) итн.
– Ниту денешната Српска православна црква не е исклучок во овој процес на создавање помесни православни цркви со национален предзнак во името. Имено, по укинувањето на Пеќската патријаршија од страна на османлиските власти во 1766 г. не постои единствена православна црковна организација кај Србите. По завршувањето на Првата светска војна и формирањето на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, поточно во 1919 г., било прогласено обединување на православните цркви на територијата на новата држава во т.н. Обединета православна српска црква во Кралството СХС. Веќе во 1920 г. таа нова црковна институција се прогласува за Српска патријаршија, чија, пак, автокефалност Константинопол ја признал со издавање на познатиот томос од 1922 г. следејќи ја новата политичка реалност на Балканот по големата војна – објаснува историчарот Зајковски.
Тој посочува дека во 1219 г. била формирана автокефалната Жичка архиепископија на чело со српскиот архиепископ Сава, чиј култ е мошне почитуван во Србија низ вековите.

– Подоцна таа го менува седиштето и станува Пеќска архиепископија, а од 1346 г. се издигнува во ранг на патријаршија. Значи, станува збор за една средновековна институција. Единствено коректно е денешната СПЦ да празнува 800 години од формирањето на автокефалната Жичка/Пеќска архиепископија и 97 години од автокефалната современа Српска православна црква – заклучува Зајковски.

Јубилејот што СПЦ оваа година ќе го слави предизвикa внимание и во православниот свет и беше проследен и со коментари на дел од православните свештеници. Меѓу покарактеристичните реакции е онаа на архимандритот Роман Анастасијадис, од Критската црква, која е дел од Вселенската патријаршија. Тој, коментирајќи го целиот случај, до српскиот владика, Амфилохије, меѓу другото, го упати и прашањето: „Кои се историските вистини за овој јубилеј што сега го слави СПЦ“?