Спомени за минатото – надежи за иднината

183
Училиштето во Љубојно

СУДБИНАТА НА ПРВИТЕ УЧИЛИШТА НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ВО ПОДВИС И ВО ЉУБОЈНО

Пишува: Славе Николовски-Катин

Првите училишта на македонски јазик во Македонија, во селата Подвис, Кичевско, и во Љубојно, Ресенско, се оставени на забот на времето. Овие први образовни центри на македонски јазик со право очекуваат посветеност на нивните општини, за да се зачуваат за историскиот развој на македонскиот литературен јазик на идните генерации

Како вљубеници во нашата убава земја Македонија, која е гордост, радост и тага, сон и јаве за секој патописец, решивме да ги посетиме двете локации, да видиме каква е состојбата на светилишта на описменувањето на македонскиот народ. Брзо стигнавме до патот што од Кичево води кон селото Подвис, во кое за време на Втората светска војна, на 23 септември 1943 година, само шест дена по ослободувањето на градот, при сѐ уште незавршена војна со фашистичкиот окупатор, во селското училиште првпат се одржала настава на македонски јазик на слободната територија.

Заборавен споменик на културата

Денес старата трошна училишна зграда на првото основно училиште е прогласена за споменик на културата на Македонија. Иако се води како таква, таа е напуштената градба сместена во старото село Подвис, над последните куќи и главната селска црква „Свети Атанасиј“. До старото село води полски пат, а до самата зграда на училиштето постои само козја патека и никаде не е јасно посочено каде се наоѓа училиштето. Трошната конструкција на училиштето е оставена на забот на времето, во трње и грмушки, а дотаму може да се стигне единствено со теренско возило. Затоа и спомен-плочата, која била поставена на зградата, месното население ја извадило и ја преместило во новиот дел на селото Подвис.

Во пишаните документи е забележано дека селото Подвис се наоѓа во областа Копачка, во јужниот дел на територијата на Општина Кичево, во горното сливно подрачје на реката Треска, недалеку од левата страна на регионалниот пат Кичево – Охрид. Селото е ридско, на надморска височина од 840 метри, а од Кичево е оддалечено 10 километри. Старото село Подвис е целосно напуштено и во него се наоѓаат останати стари руини на куќи, главната селска црква „Свети Атанасиј“ и спомените за создавањето на Првиот околиски комитет во 1943 година. Во текот на изминатите 76 години, во нашата слободна држава Македонија, за жал, голем број македонски институции имале најави за обнова на зградата на првото училиште, но останале само празните ветувања.

Љубојно – остатоци што сведочат историја

Често се вели дека во ова време на светска глобализација прекрасно е чувството кога на едно место ќе се најде дел од една историска вистина за настаните, минатото, сегашноста и за иднината на еден убав македонски крај од незаборавот, како што е Преспа. А во Преспа е сместено Љубојно, кое е едно од најубавите села, кое беше наша втора дестинација. Селото е распослано над Преспанско Езеро и на само на два ж-три километри од границата со Грција, пленува со своите архитектонски градби, со стилот на старите куќи, сокаците и дворовите, како и со иновациите во начинот на живеење што големиот број печалбари ги пренеле од светот во својот роден крај.
Сите страдања, бруталности и лоши односи кон македонското население се окончале на 5 ноември 1944 година, со ослободувањето на Преспа од окупаторската чизма. Престанале асимилаторските односи кон македонскиот народ од овој крај на Преспа, кон народот што со векови трпел ропство, понижувања… Но тој народ ги зачувал македонскиот јазик, културата, обичаите, верата и македонскиот дух.

Само десет дена подоцна, на 15 ноември 1944 година, во Љубојно се отвори училиште во кое се одржал првиот час на македонски јазик во Преспа. Тоа е второ училиште во Македонија, по она во кичевското Подвис. Денес и ова училиште стои распаднато, обраснато со треви и непознато за пошироката јавност, и покрај тоа што тоа беше гордост на плејада интелектуалци што го започнаа своето школување на мајчин македонски јазик. Не случајно треба да се спомене дека од Љубојно потекнуваат околу 150 академски граѓани, од кои околу 50 се лекари, потоа има голем број професори, правници, инженери, писатели, новинари, агрономи, културолози и со други професии. Има голем број љубанци што поради своите постигнувања на национално и општествено поле, потоа во политиката, образованието, науката, дипломатијата, културата, публицистиката, спортот и други гранки имаат пошироки општествени и други заслуги. Сите тие своето образование го добиле во старото училиште „Димитар Влахов“.

Во летописната книга на училиштето „Димитар Влахов“ од Љубојно се вели дека со доброволна работа на селаните во 1907 година е изградено новото и просторно училиште. Тоа било на два ката со 8 училници, канцеларија и два ходника, во близината на центарот на селото. Првата настава во новото училиште започнала во 1908 година, а за први учители биле назначени: Климе, Каролина и Лена, сите Македонци по потекло од Охрид.

До учебната 1971/72 година, училиштето во Љубојно работеше како осмолетка во старата училишна зграда, а оттогаш до денес работи во новата училишна зграда во Чифлиг. Тоа полни 76 години од своето постоење и развој под истото име „Димитар Влахов“. Во него раководеле и предавале повеќе од десетина директори, а наставата ја воделе стотина учители, наставници и професори за околу 6.000 ученици од Љубојно, Брајчино, Долно Дупени, Наколец, Штрбово, Крани и Арвати.
За жал, од старата училишна зграда сега се останати само делови од влезот и надворешните ѕидови од некогашниот масивен објект со специфична архитектура. Училиштето е без таван, врати и прозорци, а наместо училници, внатрешноста е обрасната со грмушки. Ги нема ниту дрвените скали, кои од приземјето воделе кон училниците на првиот кат.

Иницијативи и планови за надеж

Дека тука пред 76 години се одржал првиот час по мајчин јазик сведочи само спомен-плочата што е поставена на некогашниот влез на училиштето. Благодарение на спомен-плочата, што во 2004 г. ја поставија просветни работници во чест на 60-годишнината од наставата по македонски јазик, денес минувачите дознаваат дека ова училиште е со значајна историја за македонскиот јазик и образование.

Оваа година се поведе иницијатива заборавеното и разурнато училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно да се обнови и да стане центар за промоција на македонскиот јазик. Ваквата реализација ќе обезбеди Љубојно да биде место на кое ќе се собираат лингвисти, педагози и наставници и професори по македонски јазик, со што ќе продолжи оддолжувањето на плејадата македонски дејци, кои се вградија во историските процеси за признавање и афирмација на македонскиот јазик.

Иницијативата за основање центар за грижа и промоција на македонскиот јазик во старото училиште во Љубојно е од аспект на проектот наменет за поддршка и развој на регионот на Преспа, со финансиска поддршка од Европската Унија. Во проектот се вклучени владите на трите соседни држави – Македонија, Албанија и Грција. Исто така, еден од проектите е изградба на мултимедијален центар за млади, кој соодветно на самата симболика на Преспа ќе биде место каде што би се организирал меѓународен форум за дијалог и соработка.