Спасовски присуствуваше на света божествена литургија во Соборниот храм

119

Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, присуствуваше на света божествена литургија по повод празникот Христовото раѓање Божиќ – во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

Тој упати честитка до сите граѓани кои го слават Божиќ денеска и повика сите граѓани на нашата држава да допринесат за колективното добро и заедничкиот напредок во општеството.

„Среќен Божиќ на сите граѓани кои денеска го слават Рождеството Христово. Ова е празник на чесноста, на храбри одлуки, празник на активности на дело и токму преку овој празник можеме сите заедно да се препознаеме што е тоа што можеме да го направиме за себе, за нашата држава, за општото добро и за заедничкиот напредок. Токму христијанските празници испраќаат силни пораки, меѓутоа тоа се пораки и за сите граѓани на нашата држава. Тоа се мотивирачки пораки пред сé, коишто ќе допринесат секој самиот себе да се спознае што може да направи за колективното добро. Само на таков начин можеме да имаме колективна и заедничка среќа. Овие празници допринесуваат сите заедно во единство, сплотеност, слога и солидарност да си посакаме здравје, среќа во семејствата, напредок во општеството и сето тоа што секој за себе го посакува во своето семејство – да биде на безбедно, да има мир, спокој, среќа, да го посакаме да имаме на сите нас заедно. Сите заедно да го дадеме својот придонес за колективното добро, заради тоа што тука заедно ќе ја пронајдеме нашата среќа. Христос се роди! За многу години и уште еднаш честит празник на сите и добар празничен ден“, порача Спасовски.