Спасовски пренесен на Инфективната клиника во Скопје

312

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вчеравечер е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Тој со Брза помош бил спроведен во болница, откако, претходно качил висока телесна температура. Од МВР велат дека е во стабилна состојба.

– Министерот од вчера е на инфективната клиника поради висока температура. Неговата состојба сега е стабилна – велат кратко од МВР.

Спасовски позитивен резултат на тестот за коронавирус доби пред два дена. Тој објави дека има благи симптоми и дека е во домашна изолација.

На Инфективната клиника хоспитализиран е и генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, кој исто така е заразен со коронавирус.

Позитивен резултат од вчера имаат пратеничката Славјанка Петровска која објави дека има благи симптоми, националниот координатор за стратегиски комуникации и за спроведување на комуникациската стратегија на Владата, Марјан Забрчанец, a заразена е и портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.