Спасовски на министерски форум на ЕУ за борба против криминалот

41

Под покровителство на германското претседателство со Советот на ЕУ, министрите за правда и за внатрешни работи на Германија, заедно со делегација од Европската комисија, преку видеоконференциска врска денеска одржаа состанок со нивните колеги од земјите на Западен Балкан, а македонската страна ја претставуваше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Како што информираат од ресорното министерство, заедничките дискусии биле насочени на теми поврзани со миграцијата, ефективното гранично управување, заедничката борба против тероризмот и превенцијата од насилниот екстремизам, како и борбата против организираниот криминал.

Спасовски во своето обраќање изразил задоволство што и во овие вонредни околности предизвикани од пандемијата заедничката соработка продолжува.

– Во тој контекст, единствено преку размена на мислења и ставови можеме да креираме заеднички политики за справување со новите предизвици. Пандемијата можеби ја наруши можноста од директни средби, но нашата потреба од соработка во регионот и со нашите партнери од Европската Унија е поизразена од кога и да било претходно – истакнал министерот.

На состанокот била изразена поддршка и за зголемувањето на регионалната размена на информации во регионот на Западен Балкан.

– Успешната борба против илегалната миграција и криумчарењето мигранти е најдобро рефлектирана во заедништвото и партнерството, кое на дневна основа го применуваат нашите полициски службеници со нивните колеги од земјите од регионот и ЕУ. Оттаму, во оваа пригода би сакал да изразам посебна благодарност до нашите партнери, кои и во овие тешки времиња ги испратија своите полициски службеници на нашата јужна граница за да можат заеднички, со колегите од Република Северна Македонија, да се справуваат со сериозните миграциски предизвици – рекол Спасовски.

Во однос на тероризмот и насилниот екстремизам, претставниците од ЕУ го поздравиле напредокот постигнат од страна на земјите од Западен Балкан во исполнувањето на целите утврдени во заедничките акциски планови за борба против тероризмот.