Спасовски за МИА: МВР и ЈО се уште интензивно работат на истрагата за „27 април“

50

Не е завршена истрагата за случувањата од 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија. Неа се уште ја води Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а МВР, според Законот за кривична постапка, работи по инструкции токму на Обвинителството, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за Македонската информативна агенција.

Во Кривичниот суд во Скопје денеска почна судскиот предмет за поголем дел од учесниците во крвавите настани во Собранието, во кое на обвинителната клупа се наоѓаат триесетина лица, пратеници, уметници, припадници на МВР, на безбедносните служби и собраниското обезбедување. Тие одговараат за „терористичко загрозувањ ена уставниот поредок и безбедноста“.   

Запрашан зошто истрагата се уште не може да дојде до инспираторите на насилствата, министерот е дециден дека тие под диригентска палка на обвинителството и судот, се уште, секојдневно интензивно работат на утврдување на факти и обезедување докази.  

– Истрагата за овој настан се води врз основа на наредба на јавен обвинител и врз основа на одлуки на надлежниот суд. Еден дел од работите, поточно обвинението веќе влезе во судска постапка, меѓутоа тоа не значи дека не се спроведуваат и други истражни дејствија, што можеби ќе дојдат и до инспираторите на овие настани и ќе дојдат и до други лица. Сакаме да знаете, и вие и македонската јавноста, дека перманентно, секојдневно работиме на детекција на лица кои беа внатре во Собранието на Република Македонија, утврдување на нивниот идентитет, нивната поврзаност. Нив, како информација, ги предаваме во ЈО и врз основа на нивни наредби ќе се постапува понатаму, вели Спасовски во интервју за МИА.

Целосното интервју на министерот за внатрешни работи за МИА ќе биде објавено в петок.