Со обуки и образование ќе се премостува јазот во градежништвото и текстилната индустрија

53
Фото: Игор Бансколиев

Програмата за развој на Обединетите нации, во партнерство со Министерството за образование и наука (МОН) и со поддршка на Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија, започнува двогодишен проект кој ќе помогне да се премости јазот кај вештините во два клучни сектори – текстилниот и градежниот сектор.

Предвидено е да се пилотираат модели за стручна обука, како и да се воведат нови и иновативни начини за комуникација со сите релевантни чинители. Ќе се работи и со лица на кои им се потребни дополнителни вештини за да напредуваат, вклучително млади невработени лица, долгорочно невработените, но и веќе вработени лица.

– Ќе се разгледуваат и можностите за обезбедување специјалистичко образование преку подготовка на програми што ќе бидат прилагодени на потребите за учење на возрасните, а во согласно со работата во приватниот сектор. Добрите пракси стекнати во текот на реализацијата на проектот ќе бидат преточени во препораки за МОН, кое пак ќе ги вклучи во измената на политиките во врска со пост-средното образование и реформите во системот за стручно образование – стои во соопштението на УНДП.

Според претставничка на УДНП, Нарине Сахакјан, недостатокот на квалификувана работна сила е една од главните пречки за развој на регионално и глобално конкурентен приватен сектор.

– Развивањето на вистинските работни вештини е неопходно кога станува збор за создавање одржливи работни места и конкурентна бизнис средина. Благодарение на поддршката од Британската Амбасада, во партнерство со МОН и бизнис-заедницата ќе го анализираме потенцијалот за раст на текстилната и градежната индустрија и ќе ги идентификуваме неопходните вештини за создавање и пополнување на работни места во овие гранки од економијата. Врз таа основа, ќе работиме на создавање одржливи образовни модели за затворање на јазот меѓу понудените и бараните вештини. Ова ќе помогне да се создадат нови и подобри работни места, а секако ќе ја зголеми и продуктивноста на приватниот сектор – забележува Сахакјан. 

А.П.