Со закон ќе се контролира одгледувањето на канабис за медицински цели

54

На вчерашната 156-та седница, Владата го утврди текстот на предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции чија цел е спречување и сузбивање на злоупотребата, спречување на недозволено производство и промет, како и заштита на животот и здравјето на луѓето и контрола на опојните дроги и психотропните супстанции.

Предлог-законот, меѓу другото, предвидува одгледувањето на канабис за медицински цели да биде дозволено само на правни лица кои имаат одобрение за одгледување на канабис донесено од Министерството за здравство, по претходно добиена согласност од Владата, како и дека секоја измена во сопственичката структура треба да биде одобрена од страна на Владата.

Во текстот на предлогот за закон во оваа дејност се наведува дека компаниите кои ќе се стекнат со лиценца за производство на канабис во медицински цели, ќе бидат должни да уплатуваат средства во висина од 10 отсто од вкупниот износ без пресметан ДДВ на излезната фактура за продажба на производи согласно овој закон, на соодветна сметка, кои се приход на Буџетот. За овие средства, како прилив во Буџетот на државата, Владата ќе донесува посебна програма за нивната намена и начинот на користење во која приоритет ќе имаат лековите за ретки болести и други приоритети во здравствената заштита.

Дел од овие средства ќе бидат наменети и за одржливо финансирање на Агенцијата за контрола на одгледувањето и екстракцијата на канабис и производи од канабис за медицински и научни цели, како самостоен орган на државната управа со својство на правно лице, која се предвидува да биде основана согласно овој предлог-закон. Утврдениот текст на предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции ќе биде ставен на јавна расправа.