Со донација на коскена срцевина македонски дарител му помогна на пациент од Бугарија

96

Од Институтот за трансфузиона медицина информираат дека во изминатите два дена било спроведено колекционирање на хематопоетски матични клетки од доброволен донор од Maкедонија кој дарува за непознат пациент од Бугарија.

– Ова е третпат како донор од Северна Македонија дарува за пациент од друга земја. Клетките се користат за трансплантација на коскена срцевина кај хематолошки болни пациенти. Упатувам голема благодарност за храброста, алтруизмот и хуманоста на донорот кој без двоумење прифати да дарува матични клетки. Со овој чин, спасуваме човечки животи. Спасуваме животи на наши блиски, роднини, пријатели. На пациентот од Бугарија му посакувам побрзо закрепнување – изјави директорот на Институтот, Седула Усеини.

Секој возрасен здрав човек на возраст помеѓу 18 и 50 години може да дарува коскена срцевина во Институтот за имунологија и хумана генетика.

Преку подигнување на свеста за хуманост, солидарност и запишување во Националниот дарителски регистар, секој граѓанин може да се понуди да спаси човечки живот дарувајќи коскена срцевина.