Соумалаинен: Медиумите живнаа, но уште има критични прашања

1103

Слободата на медиумите во Македонија пополека почнува да заживува, но сепак постојат уште многу критични прашања, вели амбасадорката на ОБСЕ во заминување Нина Соумалаинен.

Тој напредок, како што додава таа, веќе беше забележан во извештајот на набљудувачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР за локалните избори минатата година, при што меѓу другото беше напоменато дека медиумите избалансирано известувале за учесниците во изборниот процес.

Како критични ги наведе предизвиците со кои се соочува МРТ, меѓу кои и кадровските решенија и неказнивоста на криминални дела извршени врз новинари.
– Целосно свесни за потребата од подобрување на безбедноста на новинарите нашата мисија ги обедини силите со ЗНМ и со МВР. Заедно ќе работиме на подобрување на безбедноста на новинарите и ќе ставиме крај на неказнивоста на криминалот врз новинари – вели Соумалаинен.

Таа се осврнува на повеќе теми, реформите на правосудниот систем, мигрантската криза, Законот за употреба на јазиците, тероризмот, контрола на оружјето, полицијата, родовата еднаквост, а говори и за своите натамошни чекори во кариерата.
Соумалаинен нагласува декапрофесионално судство, ослободено од какво било влијание, а посебно ја поздрави работата на СЈО, за кое рече дека откако е формирано поднело 20 обвиненија, а судењата се во тек.
Како особено достигнување на мисијата, додека таа ја раководеше, ги спомена одговорот на мигрантската криза и брзата ефективна поддршка за граничната полиција.

– Распоредивме мобилни тимови на границите и презедовме мерки за да им помогнеме на властите да го зајакнат управувањето со границите. Ја промовиравме регионалната соработка за да се детектира организираниот криминал на групите што се занимаваат со трговија со луѓе меѓу мигрантите – истакна Соумалаинен.

Од Македонија таа заминува на позицијата извршен директор на невладината организација „Брз одговор за правдата“, со седиште во Женева, која ѝ помага на меѓународната заедница да стави крај на неказнувањето на злосторствата и на сериозните прекршувања на човековите права преку доставување брзи, непристрасни и добро спроведени истраги.

За тоа кој ќе биде нејзиниот наследник во Македонија вели дека процедурата за избор сѐ уште е во тек и оти се номинирани неколку кандидати, а до назначувањето на новиот амбасадор мисијата ќе ја предводи Џеф Голдстаин. П.Р.