Соларна енергија – предизвици и можности

361

Проф. д-р Абрахам Крибус од универзитетот „Тел Авив“, одржа предавање вчера пред студентите и професорите на Факултетот за електротехника и информациски технологии на темата ,,Соларна енергија – предизвици и можности“. Проф. Крибус, кој доаѓа од одделот за обновлива енергија на овој универзитет, истакна дека 80 отсто од домаќинствата во Израел, топла вода добиваат токму преку соларни системи.

– Фотоволтаичната технологија е многу успешна и е мошне компетитивна. Поентата е како нејзината примена да стане поевтина, подостапна и уште покомпетитивна. Најголемиот проблем со соларната енергија е во тоа што не е секогаш достапна. Во облачни денови, таа не е достапна. Ако одиме на пример, во Норвешка, таму има помалку сонце, па фотоволтаичната технологија нема некоја примена – рече Крибус во својата презентација.

Тој пред студентите зборуваше и за начините како да се зачува енергијата. Освен тоа, ги покани македонските студенти, идни инженери да го продолжат своето образование на универзитетот „Тел Авив“, на кој студираат 29.000 студенти, а предаваат 1.100 професори на девет факултети.

Неговиот колега од Израел, проф. Јаир Енгел, работи директно со студентите, за да се трансферираат нивните идеи во бизнис-модели.

Гостувањата на професорите и нивните предавања се одржуваат во рамките на студентската конференција за енергетска ефикасност, на која целта е да се разменат идеи и мислења меѓу студентите, професорите и претставниците од енергетските компании. Со ова се прави чекор напред кон решавање дел од проблемите од областа на енергетската ефикасност и одржливиот развој.