Скопје може да стане нов Бејрут

1810
Фото: Игор Бансколиев

Опасен експлозивен отпад веќе 30 години го демне главниот град

„Нова Македонија“ во неколку наврати досега пишуваше за опасниот отпад складиран во кругот на ОХИС, меѓу кој и линданот и живата, но секако најголема закана по безбедноста на населението е винил хлоридот. Предупредувањата на стручни лица и поранешни вработени во ОХИС беа дека доколку дојде до некаква хаварија или експлозија, полoвина град ќе биде целосно збришан, со катастрофални незамисливи последици

Експлозијата што неодамна го погоди главниот град на Либан, Бејрут, во која над 100 луѓе загинаа, а неколку илјади беа повредени, уште еднаш предупредува колку може да биде опасно небезбедното складирање опасни хемиски материи во самите градови.
Додека светот сочувствува со семејствата на жртвите во Бејрут, во кругот на скопски ОХИС и натаму стои 14-тонска цистерна со винил хлорид, чија евентуална хаварија може да доведе до катастрофални последици по Скопје.

Стручни тимови од Германија не се нафаќаат да направат безбедно дислоцирање на винил хлоридот токму поради лошата состојба на цистерната.
Токму неодржувањето на опремата во поранешен ОХИС, во ноември минатата година резултира со истекување на водата од неисправен вентил со која се плакнеа цистерните во кои беше складиран метил акрилат мономер, при што дел од населението во овој дел на градот се пожали на непријатна миризба, печење на очите и гребење на грлото.

„Нова Македонија“ во неколку наврати досега пишуваше за опасниот отпад складиран во кругот на ОХИС, меѓу кои и линданот и живата, но секако најголема закана по безбедноста на населението е винил хлоридот.
Станува збор за една од најопасните материи, која се чува на специјална температура под 20 степени, затоа што е лесно запалива и мора постојано да се разладува, особено во летните месеци, кога температурите во Скопје знаат да се искачат и над 40 степени. Цистерната има физичко обезбедување од 24 часа.

– За винил хлоридот немаме решение. Тоа е високотоксична материја, за која е потребна посебна процедура за транспорт. Тој е лесно запалив и може да предизвика хаварија. Речиси сите земји на ЕУ се ослободија од него, кај нас се чува над 30 години. Сега имаме контрола со мониторинг, замислете што би можело да се случи во изминатите десет години кога немало никаква контрола? За него ќе треба да почекаме и да видиме каде ќе се уништува. Постојат само две такви печки во Германија – изјави претходно Владо Момировски од „Екоцентар 97“, фирмата што го отстрануваше опасниот отпад од поранешната фабрика ОХИС.

Предупредувањата на стручни лица и поранешни вработени во ОХИС беа дека доколку дојде до некаква хаварија или експлозија, половина град ќе биде целосно збришан, со катастрофални незамисливи последици.

Фото: Игор Бансколиев