Си поигрува ли некој со македонскиот јазик

403

ТЕХНИЧКА ГРЕШКА ВО ОГЛАС ПРЕДИЗВИКА ЛАВИНА РЕАКЦИИ

Динамичната комуникација преку социјалните мрежи, во која најчесто неселективно се пласираат не докрај проверени информации, содржи голем потенцијал од една навидум техничка грешка да се исконструира предимензиониран општествен проблем. Секако, за развој на таквата ситуација погоден амбиент создаваат и изразените политички поделби во македонското општество, па во нешто што во друго време би минало како бенигна невнимателност се гледа скриена намера, или тестирање на јавноста.

Неодамнешниот оглас за вработување „наставник по мајчин јазик и литература“ во средното училиште „Кочо Рацин“ во Свети Николе, предизвика бурни реакции во јавноста (пред сѐ на социјалните мрежи). Логиката што најчесто се користи во реакциите се движи по линијата дека тоа е начин за тивко бришење на македонскиот јазик од образовниот систем во Македонија и обид за негово изeдначување со другите јазици на малцинствата во државата (на кои припадниците на тие малцинства имаат право да се образоваат), токму со формулацијата „мајчин јазик“. Во прилог на бурните реакции се надоврзува и политичкиот момент на дискусија за (не)признавање на македонскиот јазик на меѓународен план, како и настојувањата за поширока примена на Законот за употреба на јазиците, кој е под опсервација на Венецијанската комисија. Целиот тој сплет на околности ја создаде и претпоставката дека огласот објавен од средното училиште во Свети Николе до Агенцијата за вработување, е всушност под инструкции од Министерството за образование и наука, односно дека на тој начин се укинува македонскиот јазик во образовната програма.

Од Министерството за образование демантираат дека тие даваат какви било насоки во врска со објавување огласи за вработување во училиштата и дека во наставните програми и учебниците, воопшто не станало збор за преиначување на македонскиот јазик во мајчин. Во МОН ценат дека станува збор за грешка или техничко недоразбирање од страна на администрацијата во училиштето.

– Живееме во мултикултурно општество со крајно поларизиран политички амбиент, каде што и во најмала грешка може да се препознае некаква намера. Свесноста за таквиот контекст треба да мобилизира на поголема внимателност и чувствителност во прецизирањето и на некои сосема технички работи, како што е оглас за вработување. Секако дека од училиштето во Свети Николе можеле да наведат барем во заграда дека под мајчин јазик се мисли на македонски јазик, меѓу другото и да се расчисти недоумицата на тие што сакаат да конкурираат за тоа работно место. Во време на социјални мрежи и најмало недоразбирање на почетокот брзо прераснува во лавина недоразбирања, па и во говор на омраза – вели Викторија Кафеџиска, професорка по комуникологија.
Согледувајќи го целиот контекст на политичко-општествена поларизираност, професорот социолог, Илија Ацески, не ја исклучува можноста грешката со огласот за вработување наставник по мајчин јазик (како еуфемизам за македонскиот јазик) да е и политички „пробен балон“.

– Првенствено, во оглас за вработување наставник по кој било јазик, мора да се нагласи за кој јазик станува збор. Зашто во формулацијата „мајчин јазик“, во мултикултурно и мултиетничко општество можат да се препознаат наставници на повеќе различни јазици. Без оглед што огласот го дава училиште од Свети Николе, каде што е висок степенот на етничка хомогеност и македонскиот е доминантно мајчин јазик, сепак на општо дефиниран оглас може да се пријави и наставник чиј мајчин јазик е на пример – турски. Во така поставен оглас можат да се пронајдат многу скриени конотации, кои можат да бидат политички злоупотребени. Во овој политички контекст се легитимни секакви сомневања дека ниту една грешка не е случајна. Сепак, не треба панично да се реагира на таквите грешки, но и не треба да минат незабележано. Мора да се укаже на пропустот, или грешката – вели социологот Илија Ацески.

Од друга страна, експертите предупредуваа и на фактот дека во период на претстојна предизборна кампања, но и постојано, мора да се внимава на сите па и најмали детали кога станува збор за сензитивни прашања, кои навлегуваат во идентитетските и национални чувства на граѓаните.