Синдикална офанзива пред секои избори

79
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според познавачите, ваквите случувања се логични во македонската политика, бидејќи сега политичарите се во лов на гласачи и токму затоа се обидуваат да се доближат до синдикалните организации, кои, пак, ја користат укажаната можност да издејствуваат одредени погодности за своето членство

Колку предизборието е временски простор во кој синдикалците, кои ги претставуваат вработените од одреден сектор, можат да издејствуваат одредени погодности за своите членови од македонските партии и од државните власти.
Овие дилеми се актуелни во домашната јавност, откога изминатиов период зачестија активностите на синдикалните организации, кои ги застапуваат вработените во полицијата, армијата, пожарникарските служби, судската полиција, затворското обезбедување. Засилената активност на синдикатите во споменатите области, случајно или не, се поклопува со периодот кога се засилува сѐ уште неофицијалната кампања за парламентарните избори закажани напролет. Хронолошки гледано наназад, последен пример беше регистриран деновиве, кога Независниот синдикат на судската полиција го поздравува Планот за едукација и тренинг на вработените во Министерството за правда. Претседателот на синдикатот, Владимир Литовски, пред штипскиот Основен и Апелациски суд најави дека вработените во судовите ќе започнат со обука за употреба на оружје и современи скенери во судовите и додаде дека синдикатот разговарал со министерството за зголемување на платите на судските полицајци за 20 проценти и за можност за бенефициран стаж за вработените во судската полиција.

Синдикалецот апелираше дека е крајно време да се исполнат барањата на судската полиција, за да си ги извршува своите работни задачи.
Литовски потсети дека во земјава низ судовите се вработени 183 судски полицајци, а, како што рече, во независниот синдикат членуваат околу 60 проценти од вработените.
Претходно, во средина на месецов, на 12 февруари, Македонскиот полициски синдикат ги извести своите членови во МВР дека успеале да издејствуваат право за бонус-плата на сметките на околу 5.000 колеги, кои ги исполнувале условите за исплата на ова законско примање за 2019 година.

– Како Македонски полициски синдикат искрено веруваме и цврсто стоиме на ставот дека процесот за исплата на бонус-платата во иднина ќе продолжи како тековна активност, со планирање финансиски средства во буџетот по оваа основа, но и сите други права и основи, кои како синдикат и работодавец сме ги предвиделе и нотирале во колективниот договор на МВР – соопшти меѓу другото полицискиот синдикат.
Слична информација претходно проследија и од Независниот синдикат на пожарникарите, кои, пак, го поздравија зголемувањето на висината на блок-дотацијата за плата и надоместоци на плата за припадниците на пожарникарските единици во буџетот за 2020 година.

Натаму, пред крајот на годината, пак, Независниот синдикат на професионални војници на Македонија (НСПВМ) изрази јавна пофалба до Министерството за одбрана, поврзана со покачувањето на платите во армијата.
Во меѓувреме, во сублимиран заклучок соговорниците од синдикалните организации од безбедносниот сектор велат дека времето пред почетокот на изборната кампања е одлична можност да се постигнат договори со партиите од власта и од опозицијата за подобрување на статусот на вработените, бидејќи тогаш политичарите по секоја основа и во борба за гласови се обидуваат да ги задоволат барањата на синдикатите.
Ристо Ајтов, претседател на Синдикатот за одбрана и безбедност, во својот осврт на актуелните случувања, вели дека ваквите случувања се логични во македонската политика бидејќи сега политичарите се во лов на гласачи и токму затоа се обидуваат да се доближат до синдикалните организации.

– Во мојот коментар на настаниве ќе се послужам со една реченица од времето кога бев обучуван да бидам дел од специјалните армиски сили, а таа е: „Непријателот се напаѓа тогаш кога е најранлив“. Тоа значи дека сега ние како синдикалци, кои ги заштитуваме правата на луѓето што работат во безбедносните институции на државата ги „напаѓаме“ политичарите и од власта и од опозицијата, бидејќи сега се најранливи и се заложуваат да ни ги исполнат барањата. Тоа е така бидејќи партиите на власт сакаат да останат на власт, а оние во опозицијата претендираат да станат власт и во овој момент тие би потпишале сѐ па дури и договор со црниот ѓавол. Нормално е да го користиме тоа како синдикалци, бидејќи на крајот на краиштата на тој начин ги заштитуваме работничките права на нашите членови – вели Ајтов.
Синдикалецот додава дека синдикатите имаат две димензии во очите на партиите, првата како претставници на луѓето што се дел од администрацијата, а втората како индивидуи што гласаат на изборите.

– Па од оваа точка, договор со синдикатот на многубројна организација како оние во АРМ или во МВР носи можност да се освојат симпатиите на многу гласачи и затоа политичарите, за среќа, на вработените се расположени за дијалози – вели Ајтов.
Според него, дополнително сево ова, освен во одбраната како сектор, е актуелно и во сите спреги на нашето општество.
Претседателот на полицискиот синдикат, пак, Маријан Кицев вели дека синдикалната битка што ја спроведува неговата организација е долга и обемна бидејќи тие ги застапуваат правата на над 8.500 луѓе, кои се вработени во МВР, Управата за финансиската полиција и Агенцијата за разузнавање.

– Можеби во јавноста се добива перцепција дека сега токму пред почетокот на кампањата многу од договорите со властите се издејствувани, но ве уверувам, за да се случи тоа, нам како синдикалци ни претходеа многубројни и тешки работни средби, кои беа активни со месеци – вели Кицев.
Синдикалецот вели дека нивната битка со оние што раководат со структурите никогаш не запира, но, за жал, во нашата земја во просек на една или две години секогаш имаме избори и сакале или не синдикалците никогаш не се откажуваат од своето дејствување.

Тој вели дека синдикалната работа не е само изразена во делот на борбата за подобри примања, туку ја опфаќа целата слика на работните состојби во кои секојдневно функционираат нивните членови.

Кицев потсетува дека благодарение на нивните напори, но и разбирањето од друга страна на актуелниот министер Наќе Чулев и Славјанка Петровска дополнителнaтa заменик-министерка за внатрешни работи, решено е да се надмине актуелната конфузна состојба во министерството, која се одразува врз работата на вработените, каде што секојдневно се издаваат наредби и решенија за работа од страна на МВР и истовремено се поништуваат од страна на Владата, со што нивните членови се доведени во една конфузна и збунувачка состојба што им претставува сериозна пречка за нормално извршување на редовните работни задачи.

[email protected]