Симптоматично откажување на апарати по истекот на гаранцијата

221

ЕК веќе најави дека ќе излезе со предлог-закон за забрана на програмирано расипување на уредите, а во тек е истрага за тврдењата за постоење на апарати што се штелувани да се расипат по истекот на гарантниот рок

Европскиот парламент уште во 2017 година го усвои извештајот за продолжување на траењето на векот на уредите, а од пред некој ден стапија во сила измените на директивите за екодизајн што налагаат достапност на резервни делови за замрзнувачите, за машините за перење алишта и за миење садови, како и за телевизиските екрани и светлосни уреди во рок од седум до десет години.
ЕП ги усвои и предлозите за забрана на програмирано расипување на уредите по истекот на гаранцијата, како и за поголема достапност на резервни делови на пазарот и воведување ознака на минимално траење на уредите. ЕК веќе најави дека ќе излезе со предлог-закон за забрана на програмирано расипување на уредите, а во тек е истрага за тврдењата за постоење на апарати што се штелувани да се расипат по истекот на гарантниот рок, а чија цел е да се принуди купувачот да купи нов производ.

Во Франција ваквите практики се забранети со закон, а едно истражување во ЕУ покажало дека дури 77 отсто од граѓаните попрво би го поправиле стариот уред отколку да купат нов.
Не е јасно дали европските препораки ќе почнат да се применуваат и во Македонија, со оглед на фактот што државата не е членка на ЕУ, но, од друга страна, и потрошувачите во земјава ги имаат истите забелешки во врска со трајноста на уредите што ги купуваат.
Од Организацијата на потрошувачите велат дека постојано примаат поплаки од граѓаните за неквалитетните уреди што ги купуваат, па ги советуваат веднаш да пријавуваат.

Дополнителен проблем е што поради намалената трајност на уредите се трупаат огромни количества електронски отпад, кој потоа влијае врз загадувањето на природната средина.
– Купив телевизор пред неколку години и добив гаранција на пет години, а продавачот ми понуди ако сакам гаранцијата да ми трае седум години, да доплатам уште 1.000 денари. Тогаш не го направив тоа, сметајќи дека ако уредот има гаранција пет години и доколку се користи според упатствата на производителот, нема причини тој да не работи уште некоја година по гаранцијата. Но три месеца по истекот на гаранцијата ми прегоре заднинското лед-осветлување на панелот на телевизорот, па морав да го носам во сервис, каде што ми наплатија 6.000 денари за делот и за работната рака. Навистина не можам да разберам како се случи тоа толку брзо по истекот на гаранцијата – вели Жарко Велковски од Скопје.
Тој додава дека уредите што биле произведувани порано биле со многу подобар квалитет.

– Имаше резервни делови за сѐ. Телевизорите, машините за перење и другите електронски уреди траеја со децении. Ќе дојдеше мајстор, ќе сменеше некој дел и уредот продолжуваше да работи уште некоја година. Сега ми се чини дека целава работа е само да се купува нова стока, а подрумите ми се преполни со електронска опрема што е за отпад – додава Велковски.
Се жалат и мајсторите, кои велат дека сега не можат да интервенираат врз апаратите што во минатото обично ги одржувале.
– Долги години поправав машини за перење и беа навистина издржливи. Обично се расипуваа поевтини делови, како кондензаторите, понекогаш и програматорот, а честа замена беа и амортизерите и гумените црева. Кога ќе сменев нешто, до следниот дефект минуваа и по неколку години. Сега никој не ги поправа овие машини. Ги користат пет години и ги фрлаат во отпад, бидејќи и цените на овие уреди се пониски – вели Војче Стојановски, електричар.
Според него, има наплив на многу евтина техничка стока, често и со сомнителен квалитет, така што дефектите не треба да изненадуваат.
– Сега има паметни телевизори, паметни замрзнувачи, машини, телефони… Сите во нив имаат софтвер што може да се штелува како да работи уредот, па дури и кога да се расипе. Симптоматично е што многу често тоа се случува по истекот на гаранцијата, па муштеријата е принуден да купи нов. Па, ако можеше половина автоиндустрија да биде фатена во таква измама, зошто и другите компании не би правеле такви манипулации – нагласува Стојановски.
Од ОПМ наведуваат дека секој производ (освен исклучоци одредени со закон) има гаранција од минимум шест месеци со самата фискална сметка, а тој рок може да се продолжи со гарантен лист.

– Има случаи кога уредот се расипува веднаш по истекот на гаранцијата, но многу повеќе пријави имаме за дефекти за време на гарантниот рок на производот. Се случува често и сервисерите да не ги прифаќаат уредите што се под гаранција, со образложение дека посочениот дефект не е опфатен со гаранцијата – вели Бранко Костовски, правник во ОПМ.
Тој додава дека поради неквалитетни уреди понекогаш се случува ист уред да се сервисира и по пет пати за време на гарантниот рок.
Од ОПМ појаснуваат дека сите штети што ќе настанат во тој период се подложни на бесплатно сервисирање, а доколку не е можно тоа, потрошувачот има право да побара од трговецот нов производ или поврат на средствата по сопствен избор. Од оваа организација потврдуваат дека трговецот може да одреди помала гаранција на некои делови на апаратите.
– Трговецот има право одредени делови на производот да бидат со помала гаранција од гаранцијата на вкупниот производ, но не помалку од шест месеци (освен со случаи утврдени со закон). Изземените делови од производот треба на јасен и видлив начин да бидат обележани во гарантниот лист – велат од ОПМ.
Потрошувачите со право очекуваат квалитет за парите што ги трошат при набавка на разна техничка стока, како и почитување на одредбите во гаранциите што ги дава производителот, но нецелосно регулираната област остава простор за злоупотреби, кои секогаш се врз грбот на граѓаните.


Трупањето електронски отпад е погубно за природната околина

Докажано е дека штетата по околината поради постојаното трупање електронски отпад е немерлива. Истражувањата покажале дека повторната употреба или поправката на апаратите се многу подобри дури и од рециклирањето на производот, бидејќи создаваат над 10.000 нови работни места и имаат подобро влијание врз околината. Покрај тоа, докажано е и дека потрошувачите би платиле повеќе за поголема трајност на производот. Процените покажуваат дека воведувањето минимална ознака на трајност на производот би довело до зголемена продажба на означените производи за 55 отсто.