Симовски: Април е непогоден термин, пописот треба да се пролонгира

129

Април е непогоден термин за пописот и треба да се пролонгира, вели Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика, откако доцна синоќа беше постигнат договор за предвремени парламентарни избори на 12 април. Во статистика велат дека се затекнати од решението за избори во април и најавуваат дека новиот датум за попис треба да го одредат Парламентот и Владата, што поскоро.

– Оваа гломазна, тешка операција и организација е невозможно да се спроведе пред изборите. Кога ќе биде новиот термин за пописот, е одлука што не ја носиме ние туку Парламентот, а претходно и Владата со оглед на тоа што предлагач на законот за попис е Министерството за правда – рече директорот Симовски и нагласи дека тие можат само да посочат дека март или октомври се најповолни за попис оти подвижноста на луѓето е помала.

Тој објасни дека законот за попис сè уште не е донесен па предложениот датум од 1 до 21 април 2021 година не е дефинитивен. Го одбрале овој датум бидејќи бил меѓу два изборни циклуси, а одобрување за датумот добиле и од „Еуростат“.

Усвојувањето на законот за попис Симовски вели дека се развлекува со месеци и покрај тоа што прифатиле голем дел од барањата на опозицијата.

– Опозицијата имаше 23 барања, од кои најголемиот дел не се прифатени, но оние што беа издржани ги прифативме. Не е прифатено барањето државна пописна комисија да го спроведе пописот место Државниот завод за статистика, барањето методологијата да ја носи друг, надвор од Заводот и слични барања кои немаат допирни точки со стандарди – рече Симовски.

За можно пролонгирање на пописот за 2021 година, Симовски рече дека и самите би ја избрале за пописна година 2021, но доколку бил успешен пописот од 2011 година. Бидејќи не успеал тој попис во настојувањата што поскоро да се направи пребројувањето, а да не се поклопи со избори, бил избран април 2020 година, терминот кој сега треба да се пролонгира.