Верските аналитичари и црковните великодостојници сметаат дека одлуката на Вселенската патријаршија да го стави на дневен ред барањето од Македонската православна црква-Охридска архиепископија и од македонската влада е прв позитивен чекор по долго време, кој се надеваат дека ќе однесе кон крајната цел за решавање на канонскиот статус на МПЦ. Тие немаат дилема дека овој процес навестува почеток за решавање на нашето црковно прашање, и тоа токму преку Цариград

Дали македонското црковно прашање влегува во постапка за конечно решавање, откако на последното редовно заседание, одржано од 9 до 11 мај годинава во Фанар, Истанбул, синодот на Вселенската патријаршија одлучил официјално да го постави на дневен ред за разгледување барањето испратено пред една година од Македонската православна црква-Охридска архиепископија и од Владата на Македонија?
Верските аналитичари и црковните великодостојници сметаат дека ваквата одлука на Вселенската патријаршија е прв позитивен чекор по долго време, кој се надеваат дека ќе однесе кон крајната цел за решавање на канонскиот статус на МПЦ. Тие немаат дилема дека овој процес навестува почеток за решавање на нашето црковно прашање, и тоа токму преку Цариград.

Сепак, според нив, засега останува непознато во каква форма и во кој правец ќе биде донесена одлуката на вселенскиот патријарх. Иако во соопштението од Вселенската патријаршија не се соопштуваат детали за разговорот по ова прашање, сепак поставувањето на дневен ред, како што велат аналитичарите, значи ставање во процедура на ова барање.

– Помеѓу другото, на седницата се разговараше и за пред извесно време поднесеното апелациско прибегнување (еклитон) од страна на црквата во Северна Македонија, која моментално, како што засега стојат работите, пребива во раскол – пишува во соопштението објавено на веб-страницата на Вселенската патријаршија.
Според верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски, со ова навлегуваме во клучната фаза од решавањето на канонскиот статус на МПЦ-ОА.

– Можеби нема веднаш да се донесе одлука, но сигурно е дека ќе се актуализира нашето прашање, што може да се толкува и како некој почеток на решавањето на црковно прашање на МПЦ – посочува Ѓорѓевски.
Тој вели дека треба да се почека да се дознае што се зборувало на таа седница на синодот на Вселенската патријаршија, како и што конкретно ќе се реши.
– Многу е важно и што Вселенската патријаршија ќе ѝ определи на МПЦ како црковен статус. ВП ќе се води со свои интереси. Таа сака да си ја зајакне својата позиција меѓу православни цркви – посочува аналитичарот.

Ѓорѓевски стравува дека можеби нема да добиеме „чиста и полна“ автокефалност, туку обременета со некакви обврски кон Вселенската патријаршија.
Оваа одлука на вселенскиот патријарх Вартоломеј да го стави на дневен ред барањето на МПЦ-ОА за признавање на автокефалноста доаѓа во исто време кога во Србија почнува редовното заседание на Светиот архијерејски собор на СПЦ, највисокото црковно тело на Српската патријаршија.


И Руската црква чека што ќе одлучи Вартоломеј

Во интервјуто дадено неодамна за српска „Политика“, вселенскиот патријарх не даде конкретни детали дали и како ќе постапи по случајот со МПЦ-ОА. Тој посочи на разликата меѓу црковните спорови во Украина со оние што ги има Српската православна црква со црквите во Македонија и во Црна Гора. Но истакна и дека нема намера да го менува Уставот на Српската православна црква, ниту нејзините граници, освен ако за тоа не постојат соодветни услови и поголема црковна потреба. Рускиот патријарх Кирил, пак, исто така во интервју за „Политика“, рече дека оваа изјава на патријархот Вартоломеј значи дека тој има намера да го спроведе „украинскиот рецепт“ и во Македонија.

[email protected]