Се подготвува регистар за малигни заболувања

102

Министерството за здравство има предвидено и почна да спроведува мерки за превенција на малигни заболувања на годишно ниво, со поддршка на Центарот за истражување во рамките на ЕК. На крајот на летото се очекува експертска мисија, а веќе се почнати и подготовките за воведување регистар за малигни заболувања, за населението и во болнички услови.
Ова вчера го изјави министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање, по отворањето на стручниот симпозиум на темата „Вродени аномалии – предизвици, дилеми и третман“ во организација на Македонското лекарско друштво. Министерот изрази надеж дека наесен ќе имаат доволно податоци за да преземат конкретни чекори.

На новинарско прашање за реакциите на најавата за централизирање на лабораториите, Филипче рече дека тендерската документација е целосно усогласена со Законот за јавни набавки, што е потврдено од неколку комисии, од стручната комисија во рамките на Министерството за здравство и од Комисијата за јавни набавки.
– Очекуваме сериозно подобрување на лабораториската услуга во нашата држава. Да им се олесни пристапот на пациентите до некои анализи, за кои досега мораа да патуваат надвор од нивното место на живеење, и да се заштеди врз основа на добро планирање и добар увид во количеството на реагенсите што се трошат во сите лаборатории – објасни Филипче.
Министерот за здравство изјави дека има терапија за сите пациенти во сите јавни здравствени установи.
– Можеби имало некое намалено количество, но тоа е дополнето последниве денови – рече Филипче. П.Р.