Се очекува околку 15 илјади граѓани да го дочекаат папата Франциск на градскиот плоштад

176

Папата Франциск ќе се вози со папамобилот во зависност од временските услови, а неговата посета во Скопје ќе ја следат повеќе од 400 новинари, од кои 200 странски и 200 домашни, информираа денеска од Министерството за надворешни работи, од каде на заедничка прес-конференција со премиерот Заев и бискупот Киро Стојановски порачаа дека има огромен интерес за посетата, пренесува „Макфакс“.

Очекувањата се дека на плоштадот ќе присусутвуваат повеќе од 15 илјади граѓани, а ќе бидат обезбедени околу две илјади места за седење, како и пунктови за вода. Мисата ќе се одржува на италијански јазик, а ќе има и дел на хрватски како и на македонски јазик. Верниците кои ќе сакаат да присусутвуваат на плоштадот ќе треба да пристигнат најдоцна до 9 часот поради безбедносни причини, а мисата ќе започне во 11.30 минути.

Папата со специјален лет пристигнува на скопскиот аеродром во 8 часот и 15 минути каде ќе биде пречекан со највисоки државни почести од претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев.

– Можам да потврдам доколку временските услови дозволат предвидено е користење на специјалното возило или популарно наречено „папа-мобил“ – изјави државниот секретар во МНР, Виктор Димовски.

Според агендата, папата во 9 часот ќе биде пречекан во Вила Водно каде ќе има обраќање и одвоени средби со премиерот Заев и претседателот Иванов, како и нивните семејства.

– Доаѓа во важен момент за нашата земја, кога демонстриравме подавање рака, пријателство, вредности кои допираат до вредностите на светите пораки. Оваа благопријатна посета е чест и од мене е сфатена како охрабрување да бидеме подобри луѓе да не охрабри дека доаѓаат подобри времиња – порача Заев за посетата на папата.

Попладне во католичката црква „Пресвето срце исусуово“ папата ќе се сретне со свештениците, како и со граѓани од ранливите категории, а предвидена е и средба со претставниците на верските заедници.

Папата Франциск доаѓа во време кога се одбележуваат 25 години дипломатски односи со Ватикан. Ова според бискупот Киро Стојановски е првата причина за посетата, додека втората причина е тоа што овде има мала, но сепак жива заедница на католички верници, па, како што нагласи бискупот, пастирот доаѓа да го посети своето стадо. Третата причина за посетата е Скопје, родниот град на Мајка Тереза.