Се отвораат уште три нови „Роса школи за родителство“ во Струмица, Охрид и Куманово

112

Пивара Скопје и компанијата „Кока-Кола“ преку Роса, заедно со Министерството за здравство ќе отворат уште три нови „Роса школи за родителство“ до крајот на годинава. На прес-конференцијата која се одржа денес во просторијата на Роса школата во Поликлиниката „Јане Сандански“, Пивара Скопје и Министерството за здравство потпишаа и Меморандум за соработка со која најавија и продолжување на проектот и во 2020 година со отворање на повеќе „Роса школи за родителство“ и во други градови во Македонија.

Со годинешното отворање на Роса школите во ЈЗУ „Здравствен дом Струмица“ и во општите болници во Охрид и во Куманово, на идните родители од овие градови ќе им биде на располагање стручен тим за поддршка и помош во текот на бременоста и првите родителски години. Со отворањето на трите нови школи, во употреба ќе бидат вкупно шест Роса школи, а до крајот на 2020 во здравствените домови во повеќе градови низ земјата на располагање ќе бидат вкупно девет Роса школи.

На денешниот настан свое обраќање имаа премиерот, министерот за здравство и генералниот директор на Пивара Скопје, кои го изразија своето задоволство за продолжување на проектот, но и ја истакнаа важноста од ваков тип на неформални обуки за сите идни родители.

Сите простории во здравствените домови наменети за Роса школите, инаку се комплетно реновирани и опремени од страна на Пивара Скопје и компанијата „Кока-Кола“ од средства собрани преку претходно спроведената шестмесечна кампања во која се издвојуваше по еден денар од секое продадено шише вода „Роса“ од 1,5 л. Во овој партнерски проект, Министерството за здравство ги одредува здравствените домови каде најмногу има потреба од ваков тип на школи за идни родители и го обезбедува стручниот тим кој ќе ги спроведува обуките. Овој тим е составен од доктори специјалисти по гинекологија и акушерство, педијатрија, како и медицински и патронажни сестри.

Обуките се бесплатни и ќе бидат организирани во пет тематски целини кои опфаќаат родителство, здрави стилови при бременоста, психофизичка подготовка, доење и нега на новороденчето, а трудниците и сите заинтересирани идни родители и членови на нивните семејства ќе можат да се пријавуваат директно во здравствените домови.

Проектот „Роса школи за родителство“ започна во 2018 година, кога свои Роса школи добија Поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, Општата болница во Гостивар и Клиничката болница во Битола.