Се засилува контролата на издувните гасови

182

Во очекување на новиот правилник со кој ќе се утврдува количеството на дозволени штетни честички што може да ги испуштаат возилата, на техничките прегледи веќе се врши детално мерење на нивото на штетни гасови што ги испуштаат автомобилите, а оние што не ги исполнуваат условите се враќаат

Загадениот воздух ги мобилизира надлежните служби, особено вработените во станиците за технички преглед, каде што во изминатиов период построго се контролира системот на издувни гасови во возилата.
Во очекување на новиот правилник, со кој ќе се утврдува количеството на дозволени штетни честички што може да ги испуштаат возилата, на техничките прегледи веќе се врши детално мерење на нивото на штетни гасови што ги испуштаат автомобилите, а оние што не ги исполнуваат условите се враќаат.

Вратените негодуваат, граѓаните бараат чист воздух, а надлежните се обидуваат преку засилени контроли да ги лоцираат изворите на загадувањето. Повеќето студии покажаа дека меѓу неколкуте поголеми причинители за загадувањето се и автомобилите, а потврда за тоа е статистиката, која вели дека просечната старост на возилата во земјава е 18 години.
– Ме вратија од технички преглед само затоа што чадело од ауспухот повеќе од дозволеното. Досега не сум имал проблем при регистрација, бидејќи секогаш сум имал исправен уред за сопирање и за управување. Ова сега е под притисок на јавноста поради загадениот воздух. Искрено мислам дека возилата и не загадуваат толку, ама кога не можат да удрат по другите, удираат по нас – вели Мирко Ј., приватен превозник од Скопје.

Тој додаде дека му било препорачано да го прекалибрира моторот за да се намали нивото на штетни гасови.
– Колку и да го калибрирам моторот, ќе биде попусто. Само ќе фрлам пари. Возилото е старо повеќе од 30 години, вози на дизел и единствено што ми преостанува е да го паркирам во двор и да останам без работа – револтиран е Мирко.
Експертите сметаат дека е невозможно да се подобри перформансот на старите возила во делот на издувните гасови доколку тоа низ годините не е добро одржувано.
– Постојат прописи и тие прописи велат дека патничките возила и по пет или десет години треба да емитираат исто количество штетни гасови како во времето кога биле нови. Ако едно возило е добро одржувано, тоа не би требало да биде проблем. Но да се поправи емисијата на штетни гасови кај постарите возила што не се добро одржувани е речиси невозможна мисија – вели професорот Милан Ќосевски од Машинскиот факултет од Скопје.

Тој додава дека единствено е можно подобрувања да се направат кај камионите и автобусите.
– Има примери со камиони и автобуси во Австрија и во Германија, во кои се вградува посебен филтер што ги собира штетните честички и го намалува нивното исфрлање во воздухот – појаснува Ќосевски.
Според него, добро би било од техничкиот преглед да се враќаат сите возила што не емитираат ниво на гасови како при излез од фабрика.
– Ако сите си ја вршат професионално својата работа, ќе има успешен систем и ќе има сè помалку возила што загадуваат – категоричен е професорот Ќосевски.
Од станиците за технички преглед тврдат дека ваквите контроли врз возилата се вршеле и претходно, но не негираат дека во минатото имало поголема толеранција околу нивото на штетни издувни гасови.

– Со оглед на релативно стариот возен парк и големиот број увезени дизел-возила, треба половина од автомобилите во земјава да ги исклучиме од сообраќај. Очекуваме нов правилник за нивото на издувни гасови и тогаш веројатно и контролите ќе бидат уште поригорозни – вели контролор од една скопска станица за технички преглед.
Токму засилените контроли се сметаат за еден од начините за намалување на загадувањето на воздухот во земјава, кое од година на година зема сè поголем данок по човечкото здравје. Контролата на издувните гасови кај превозните средства е само еден чекор, но од нешто треба и да се почне.


Дозволената содржина на штетни емисии ја одредува производителот

Според важечкиот правилник за технички преглед на возилата, максималната дозволена содржина на јаглерод моноксид во издувните гасови е онаа што е утврдена од производителот на возилото.
При мерење во горен празен од, брзина на моторот од најмалку 2.000 вртежи, кај бензинските мотори максималната содржина на јаглерод моноксид треба да биде 0,3 отсто.
Максималниот коефициент на апсорпција за дизел-мотори со природна аспирација изнесува 2,5-1 м, додека за турбодизел-моторите таа е 3,0-1 м.
И во Европа мерењата се вршат врз основа на препораките што ги дава производителот на возилото, а кои мора да бидат истакнати на посебна плочка на автомобилот.
Европскиот парламент и земјите-членки во декември 2018 година постигнаа договор емисиите на штетни гасови од автомобилите до 2030 година да се намалат за 37,5 проценти во однос на нивото од 2021 година.