Се засилуваат активностите за работа со деца на улица

75

Министерството за труд и социјална политика во соработка со Меѓуопшинскиот центар за социјални работи Скопје, Црвен крст и УНИЦЕФ ги засилува активностите за работа со деца на улица. За таа цел денеска се одржа обука на стручни лица (социјални работници, педагози и дефектолози) кои ќе работат со децата на улица за да им се обезбеди соодветна заштита. Работата на терен ќе се спроведува мултисекторски врз основа на стандардизирана вмрежена соработка на сите релевантни владини и невладини организации и институции.

На овој начин Центарот за социјални работи ги зајакнува мобилните тимови кои ќе прават мапирање на најфрекфентните локации каде има деца кои питачат, а полнолетните членови ќе ги активираат како баратели на работи и ќе работат на нивно вклучување во мерките за доквалификација и прекфалификација.
 
-Оваа засилена активност за работа на стручни лица со децата на улица ја започнуваме бидејќи на секое дете му треба безгрижно детство, детство кое е целосно ослободено од насилство, експлоатација и злоупотреба. Со работа одблиску со децата на улица и нивните семејства ќе ги детектираме и решаваме проблемите со коишто се соочуваат- изјави министерката за труд и социјлна политика Мила Царовска по повод обуката на стручните лица коишто ќе го прават мапирањето. 

Во обуката се вклучи и претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс кој истакна дека УНИЦЕФ и Владата тесно соработуваат за да ги зајакнат механизмите за помош на децата на улица, но исто така да се спречи децата да го поминуваат времето на улица преку развивање на посилни механизми за заштита и спроведување на системски промени.

-Децата на улица често се жртви на бројни негативни искуства, вклучувајќи физичка и психичка злоупотреба и запоставување. Многу од нив не го остваруваат своето право на образование, здравство и заштита- рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.
 
Министерството за труд и социјална политика ја креираше социјалната реформа којашто е во собраниска процедура, а истата е во насока на намалување на детската сиромаштија и извлекување на најранливите граѓани над линијта на сиромаштија. Со оваа реформа детскиот и образованиот додаток ќе станат достапни за 20 пати повеќе деца, а работоспособните ќе се активираат на пазарот на трудот.