Се активираат превентивни мерки за коронавирусот

71

Активирање термална камера на аеродромот за проверка на патниците што доаѓаат од кинеските области погодени од коронавирусот, активирање специјална изолациска соба на аеродромот со лекарска екипа за прегледи на сомнителни случаи и телефонски број на кој патниците со симптоми на грип ќе може да бидат побарани за следење на состојбата. Ова се приоритетните чекори што министерот за здравство д-р Венко Филипче ги договорил со комисијата за заразни болести по информациите за ескалација на состојбата во Кина и за ширењето на заразата низ светот, вклучувајќи и во неколку европски земји.

– Нема простор за паника, затоа што ние немаме директна комуникација и директни летови со овој регион и патниците што патуваат од овие делови се веќе неколкупати скенирани на другите аеродроми. Станува збор за вирус што има слични симптоми како грипот, може да помине со лесна, средна форма, но исто така и со тешка форма. Ние, сепак, преземаме мерки на превенција и веќе од утре за летовите од Истанбул и Дубаи, кои имаат врска со овој регион, патниците ќе се скенираат со термална камера. Според последната оцена, нашиот аеродром е евалуиран на највисоко ниво и ги задоволува стандардите за детекција и рана изолација доколку се наиде на сомнителни симптоми. На самите аеродроми ќе бидат активирани и соби со лекарски екипи што ќе прават преглед – се вели во вчерашното соопштение од Министерството за здравство.

Со оглед на тоа што е сезона на грип, од Министерството очекуваат дека ќе има и доста лажно позитивни резултати што ќе бидат пуштани на домашно лекување и за овие случаи од денеска ќе биде достапен телефонски број на кој ќе може да ја пријават секоја промена на сопствената клиничка слика и ќе бидат упатени каде да се јават за понатамошна опсервација или интервенција за да не одат на матичен лекар.
– На тој начин секој можен и потенцијален случај се става под контрола на движење. Сите други пациенти што имаат симптоми ќе го следат нормалниот процес.

Министерството за здравство има алгоритам на движење и дејствување, односно лекување доколку се потребни изолација и карантин. Во однос на реагенсите, има неколку типа коронавирус. Во овој момент ги имаме потребните реагенси за четири типови и во текот на оваа недела, најдоцна до петок, ги очекуваме преостанатите реагенси за сите коронавирус-типови, а во однос на другите капацитети сме целосно подготвени – изјавил министерот Венко Филипче.

На телефонскиот број, според соопштеното, треба да се јават исклучиво лицата што ќе допатуваат со летовите од Истанбул и од Дубаи. Министерството за здравство и клиниките од претходните искуства со вирусите ебола и сарс имаат воспоставено протокол и искуство за реагирање во слични ситуации.
Македонија, како што е соопштено, ги следи препораките од Светската здравствена организација во делот на превентивен надзор на лица што доаѓаат од Кина, дијагностика на сите сомнителни случаи, лекување и трансфер од местото каде што во моментот се хоспитализирани.

– Овие лица ќе имаат посебен третман, посебен надзор со термална камера и кај оние кај кои ќе се покаже сомнение од зголемена температура, екипа од аеродромот ќе разговара и ќе ги интервјуира во соодветна облека и доколку се покаже дека имаат каква било симптоматологија, ќе бидат тргнати во изолација. Другите без никаква симптоматологија ќе бидат упатени дома, меѓутоа ќе им биде даден телефонски број во случај на зголемување на симптоматологија поврзана со респираторно заболување, да се пријават. Она што е за нас битно е дека епидемиолошката служба е ставена во целосна приправност. Инфективната клиника со сите свои капацитети може да одговори на овој предизвик – објаснил Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје.


Се шири и пред појава на симптомите

Способноста за ширење на новиот тип коронавирус од човек на човек е сѐ посилна и се очекува дека бројот на заразените ќе се зголемува, објави кинеската национална комисија за здравство вчера, во моментот кога повеќе од 2.000 лица во светот беа заразени, а 56 лица починаа од заболувањето.
Зголемена е способноста на новиот вид коронавирус да се пренесува од човек на човек, а како резултат на тоа епидемиолошката ситуација мина во нова покомплексна фаза. Инкубацијата се движи од еден до 14 дена, а вирусот може да зарази други и во текот на тој период.
Вирусот, за кој се верува дека почнал да се шири кон крајот на декември од пазарот со храна во градот Вухан во централна Кина, се прошири и на други кинески градови, меѓу кои се Пекинг и Шангај, како и на други држави, како САД, Тајланд, Тајван, Јужна Кореја, Јапонија, Австралија, Франција и Канада.
Поради тоа, на аеродромите низ светот се засилени санитарните контроли над патниците од Кина.