Сестра Софија доби признание од Барак Обама и се врати во Македонија

6182

Сестра Софија, старешина на манастирот „Св. Ѓоргија“ во село Кнежино, за својата долгогодишна работа во верските објекти во САД, добила признание и од поранешниот американски претседател претседател Барак Обама. Покрај признанието од првиот човек на Америка, таа за својата посветеност во работата со верниците и децата, континуирано добива пофалби и признанија од сите страни.

– Кога заминав во пензија, бидејќи ќерка ми беше на научни студии во Минесота, САД, јас одлучив да ја посетам и да видам како се живее таму. Бидејќи имав многу слободно време, одлучив да волонтирам во една претшколска установа во Џеферсон, во која во голема мерка се разликува начинот на кој се работи и се воспитуваат децата. Во претшколската установа учениците требаше да научат да пишуваат да читаат и сами да креираат. И ми се случуваше ако некое дете е помрзливо или со помалку идеи, јас повеќе сакав да му помогнам, но учителката ми ставаше забелешка дека учениците треба сами да се потрудат да го стигнат тоа ниво и да наликуваат на нивните врсници и интелектуално и според желбата за работа – вели сестра Софија за своите први искуства во САД. Покрај училиштето таа за викендите и празниците  служела и во руската црква во истиот град.

– Паралелно со работата во училиштето, јас во викендите и празниците бев активна во руската црква „Воскресение Христово“. За празници ја украсував црквата, ја дотерував по сопствен вкус и мојата обврска беше целосна, од правење лепчиња до вапцување јајца за Велигден, правење чорби и се друго што беше неопходно во храмот. Воедно помагав и во ортодоксната американска црква и таму ги собрав симпатиите од старешината на црквата. Во руската црква во Минесота работев пет и пол години, по што сакав да се вратам назад во Македонија. Во 2009 година како благодарност за несебичната работа и голема посветеност во верските објекти и со децата од страна на претседателот Барак Обама добив благодарница, што ми претставува и особена чест и признание – додаде сестра Софија.

Карактеристично е што сестра Софија до својата педесетта година била атеист, а во верата ја вовел старешината на Бигорскиот манастир, отец Партениј.

-Можеби звучи по малку чудно, но јас до својата 50 –та година од животот бев  атеист, а во верата ме воведе игуменот на манастирот „Свети Јован Бигорски“, отец Партениј. Така вистински верник станав од својата 50 година од животот. И покрај сите услови што ги имав и реномето што го уживав во САД, јас имав желба да се вратам во земјава и да продолжам да му служам на Бигорскиот манастир. Кога на старешината во руската црква во Минесота му испраќав слајдови и фотографии од манастирот „Свети Јован Бигорски“, можеше и сам да се увери дека ние имаме голема почит кон црквата и дека припаѓаме на силна црква. Пред шест години засекогаш се вратив во земјава, отец Партениј ме контактираше и ме праша дали сакам да дојдам во Кнежинскиот манастир, поради тоа што има потреба од такво лице. Кога дојдов тука почувстував неверојатна благодат и отецот ме праша дали ми се допаѓа, по што му одговорив дека чувствувам огромна благодат иако се уште ништо немав видено. И така се случи засекогаш да останам во овој манастир, да му служам на бога и на верниците што не посетуваат. Во моите 72 години никогаш досега не сум била болна и сум му благодарна на бога и му се молам да ме потрае уште некое време вака. Ние во нашиот манастир со децата прво работиме веронаука, потоа работиме рачна работа, ги учиме децата да прават икебани, венци, ги учиме да шијат, плетат, везат, барем некогаш да знаат да си го сошијат сопственото копче. Можеби некогаш и кон верниците го подигам гласот, но со единствена цел, се што тука имаме, сакам да биде целосно сочувано и за наредните генерации – заврши благородната сестра Софија.

Сестра Софија во текот на април 2016 година за првпат зачекори во Кнежинскиот манастир и по септемврискиот постриг лани, таа е старешина на манастирот.