Сезонскиот грип е поголема опасност од коронавирусот

1689
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во земјава има доволно епидемиолози за да детектираат коронавирус и затоа нема потреба да се крева паника

Првиот потврден случај на заразен од коронавирус во Македонија ја крена јавноста на нозе, предизвикувајќи вознемиреност во земјата. Иако здравствените власти тврдат дека нема простор за стравување, граѓаните манифестираат сомнежи и во капацитетите на јавното здравство за справување со овој проблем. Една од дилемите е и дали има доволен број епидемиолози што можат соодветно да одговорат на евентуалното зголемување на бројот на заразени или на оние што биле во контакт со заболени.
Епидемиологот Драган Даниловски вели дека во земјава има доволно епидемиолози за да детектираат ваков вирус и затоа нема потреба да се крева паника.
– Има 40 епидемиолози во Македонија, но надзор на оние луѓе што се во домашна изолација може да прави и доктор по општа практика, а нив ги имаме многу – посочува Даниловски.

Според него, многу позначаен јавно-здравствен проблем е сезонскиот грип.
– Оваа сезона, досега, има 16.417 регистрирани болни од грип. А никој не се потресува заради тоа?! Во светот годишно умираат околу 650.000 луѓе од грип. Споредете со неполни три илјади досега починати од ковид-19 – објаснува епидемиологот Даниловски.
Тој посочува дека маски за лице треба да носат заболените од вирусот, за да не ја прошират болеста, а непотребно е луѓето што не се болни да носат заштитни маски.
Инаку, Комитетот за координација на активностите за коронавирусот, заедно со припадници на МВР, ќе утврди дали ќе продолжи домашната изолација за лицата што биле во контакт со заболената пациентка или ќе бидат преместени во центрите за изолација на инфективните одделенија.
Венко Филипче, министерот за здравство, вчера соопшти дека е негативен резултатот за присуство на коронавирус кај пациентката за која постоел сомнеж, а која е една од двата дополнителни случаја што биле тестирани на Инфективната клиника во Скопје, по утврдениот прв пациент со овој вирус.

– Тестираната пациентка со сопругот била на патување во Рим и имала симптоми слични на грип. Првичниот тест бил парцијално позитивен, што може да биде вкрстена реакција од други вируси. Затоа се направи дополнително тестирање за да се отстранат сомнежите. Другиот тестиран пациент, кај кого исто така резултатот е негативен, е возач на камион што патувал преку северна Италија. Се чекаат резултати на уште едно лице дојдено од Рим. нагласи Филипче.
Според него, во моментов, веќе хоспитализираната пациентка на Инфективната клиника во Скопје, која со комбе допатува од Милано, е единствениот регистриран случај заразен со вирусот ковид-19.

– Таа има лесна форма на клиничка слика, се чувствува добро и се лекува симптоматски на Клиниката за инфективни болести. Сите патници што патувале од Италија со пациентката уште синоќа се контактирани и се наоѓаат во изолација во домашни услови во соработка со МВР. Повеќето од патниците немале контакт со поголема маса луѓе, туку само со семејството. Во текот на ноќта епидемиолози ги посетиле сите девет патници што биле во комбето со пациентката со коронавирус, на пет локации, две во Скопје и три во Струмица. Вкупно 12 лица се изолирани, од кои две се деца на четиригодишна возраст. Тие немаат симптоми и засега не се прават тестови за коронавирус, зашто може да покажат лажна слика. Ќе се следат следните 14 дена – соопшти Филипче.

Според министерот, сите надлежни служби навремено и одговорно го спроведуваат протоколот. Апелираме до граѓаните да не се создава паника и да се информираат за состојбата исклучиво од официјални извори и информации.
Владата апелира сите граѓани што допатувале од регионите со официјална епидемија со коронавирусот задолжително да се јават на контакт-телефоните на центрите за јавно здравје, како во Битола – 071/261-330, Велес – 071/219-278, Гевгелија – 078/545-444, Кочани – 071/373-913, Куманово – 070/215-851, Охрид – 070/723-029, Прилеп – 076/475-747, Скопје – 071/289-614, Струмица – 072/235-543, Тетово – 075/240-464, Гостивар – 076/365-161, Штип – 078/365-613, и на телефонот на Институтот за јавно здравје – 078/387-194, како и на телефонот „Ало, докторе“ – 02/15-123.

Д-р Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа, на вчерашниот втор национален форум за здравје посочи дека здравствените власти и Владата во државата ги спроведуваат препораките од Светската здравствена организација (СЗО), а дури и пред да се јави првиот случај со корона бил формиран мултисекторски комитет за итни ситуации.
Тој кажа дека заедно со помош на СЗО е направена процена на капацитетите, не само на човечките ресурси туку и на инфраструктура.

– Секој ден се комуницира со граѓаните, и тоа двапати дневно, постојат установи што се на располагање и сè е подготвено за евентуален прием на пациенти. Исто така, во делот на превентивата се вклучени и 10-те регионални центри за јавно здравје – истакна Клуге.
Тој порача дека нема потреба за тревога и за паника.
– Се работи за нов вирус, а да не се заборави дека во различни делови на европскиот дел на СЗО секоја година од сезонски грип умираат меѓу 60 илјади и 65 илјади лица – посочи Клуге.
Според него, на светско ниво има 81.104 случаи со коронавирус, во 46 држави, од кои 20 земји се во рамките на европскиот регион на СЗО, во кој вкупно има 53 земји. Во последните 24 часа има уште седум дополнителни земји каде што се јавија нови случаи, од кои 97 отсто од сите случаи се во Кина.

Инаку, коронавирусот се пренесува преку респираторните патишта, како кивање и кашлање, но и преку допир со нечисти раце. Лекувањето е симптоматски, во зависност од манифестациите на болеста. Клиничката слика варира од лесна настинка до потешка форма, во зависност од зафаќањето на белите дробови. Ризик за најлош исход има кај постари, хронично болни луѓе или лица со претходни заболувања на белите дробови. Околу 80 отсто од 80.000 заболени во светот се целосно излекувани, кај 15 отсто има некакви компликации, а кај пет отсто има сериозни компликации. Смртноста е близу два отсто.

Вкупниот број потврдени случаи во Кина до крајот на вчерашниот ден е 78.497, а вкупниот број смртни случаи е 2.744.
Во регионот, засега, најголем број случаи со коронавирус има во Италија, а присутна е и во Хрватска и во Грција.


Зголемен број заболени од грип

Оваа сезона, вкупниот број случаи на грип и заболувања слични на грип изнесува 22.071 лице. Ова се последните податоци од Институтот за јавно здравје, според кои минатата недела биле пријавени нови 5.654 случаи со грип или заболувања слични на грип.
Оттаму посочуваат дека најголем број случаи се регистрирани во Скопје, Струмица, Кавадарци, Тетово и во Куманово.