Седум нови сомнителни случаи на заразени од морбили

299

Во Институтот за јавно здравје, вчера се пријавени седум нови сомнителни случаи на заразени лица со морбили. За сите нив се добиени материјали, по што следува лабораториска анализа на вирусологија, а потоа ќе се знае дали ќе бидат потвдени или не. Неофицијално, станува збор за деца од градинка во општина Аеродром.

Прим. д-р Гордана Кузмановска, епидемиолог во Институтот вели дека се чека потврда по анализите.

– За новите случаи податоци добивме од Инфективната клиника. Во новата епидемија, на територија на Скопје, без оние седум случаи од Радишани, според последните податоци, во моментов има 13 потврдени случаи – информира д-р Кузмановска.

Инаку по појавата на морбили во градинка во Радишани, Министерството за здравство прогласи епидемија на ниво на град Скопје, а во исто време донесе и забрана за прием во градинка на невакцинирани деца со МРП вакцина (за морбили, рубеола и паротитис). Откако трае забраната, досега вакцинирани се над 1.300 деца.

Во исто време, инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат контролираат на терен дали градинките примаат деца без примена МРП вакцина. Досега, како што информираат во инспекторатот, не се регистрирани такви случаи. Ако биде утврдено дека градинка примила невакцинирано дете, казната за правното лице е до 4.000 евра, а за одговорното лице е 30 отсто од одредената сума за правното лице.

А.П.