Фото: Маја Јаневска-Илиева

ДОЦНИ ДОСТАВАТА НА ДОКУМЕНТИТЕ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО

Наставниците чекаат да ги добијат формуларите од свидетелствата за да можат да си ги исполнат обврските, да ги пополнат со оценките и да им ги поделат на учениците, но засега нема прецизни информации од надлежните кога ќе се случи тоа

Иако традиционално секоја година на крајот на јуни се доделуваа свидетелствата во основното и во средното образование, годинава документите ги нема. Наставниците чекаат да ги добијат за да можат да си ги исполнат обврските, да ги пополнат и да им ги поделат на учениците, но засега нема прецизни информации од надлежните кога ќе се случи тоа. Првпат во македонското образование се случува да ги нема потребните документи што се издаваат на секој крај на учебната година. Дури и минатиот јуни, кога училиштата беа комплетно затворени поради пандемијата, немаше никаков застој во доставата на свидетелствата наменети за учениците.

Неодамна, одговорните во Бирото за развој на образованието (БРО) со писмо им кажаа на директорите на училиштата низ земјата дека не се знае кога свидетелствата ќе стигнат до училиштата. Во писмото не е наведена причината за доцнењето.
– Свидетелствата за учениците, кои им беа потребни за упис во средно односно високо образование, се веќе доделени, а исто така тие ќе бидат обезбедени и за учениците што имаат итна потреба од свидетелство поради преселба или продолжување на школувањето во странство. БРО дополнително ќе ве контактира за времето и за начинот на дистрибуција на потребните свидетелства за вашето училиште – стои во соопштението од надлежните до училиштата.

Наставниците веќе ги имаа внесено оценките и другите податоци на компјутер, но мора да ги имаат свидетелствата за да можат да ги отпечатат. Исто така, тие мораа да внимаваат на тоа, податоците внесени во нивните компјутери, да се исти со оние внесени во електронскиот дневник, како и оние што се внесени во пишаниот дневник. Ако има некаде грешка, тогаш свидетелството би било неважечко.
Многумина наставници за овој проблем реагирале и во Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК). Оттаму велат дека според нивни информации, се работи за тендер што доцна бил распишан, па поради тоа има шанси свидетелствата свечено да бидат доделени дури во август. Како што оценија во Синдикатот, не е во ред документите да не се издадат навреме.

Во Министерството за образование и наука засега нема официјален одговор и објаснување за доцнењето на свидетелствата. Последна содржина поврзана со свидетелствата, која е објавена на нивната веб-страница, е за тоа дека училиштата не смеат да наплаќаат за свидетелства, по информациите дека имало изолирани случаи, каде што им биле барани пари на ученици за да можат да го добијат документот.