Светски ден на борба против хепатитис: Потребна национална стратегија и годишно задолжително тестирање

39

Здружението на лица заболени од болести на црниот дроб – СЛАП со седиште во Прилеп, денеска, на Светскиот ден за борба против хепатитисот – 28 Јули, бара задолжително годишно тестирање и национална стратегија за заболените од ова вирусно, подмолно заболување. 

Според Билјана Мирческа, претседател на Здружението СЛАП најголем проблем се незнаењето за заболувањето и отсуството на задолжително тестирање. Тоа предизвикува да не се знае потребната квота за лекување, ниту пак да имаме статистички податоци. 

– Во светски рамки, а и во Македонија едно од 3 лица е изложено на хепатитис, без да знае. Тешко се открива, може да тлее со години. Вирусното заболување хепатитис е подмолно и тешко се обезбедуваат статистички податоци. Ако рано се открие, целосно се лекува, во спротивно го напаѓа црниот дроб и предизвикува рак. Светските податоци велат дека 15 пати има повеќе заболени од хепатитис, отколку од ХИВ-СИДА. Според  официјалните податоци од Институтот за Јавно здравје, во Македoнија, во 2015-та имало 148 новоинфицирани и регистрирани. Најмногу во Скопје, потоа во Струмица и во Прилеп. Незнаењето за болеста и нетестирањето доведуваат да не може да се одреди и квотата за целосното лекување, па некои чекаат со години. Затоа бараме да се донесе националната стратегија, која се подготвува, но во неа да се вклучат сите медицински асоцијации. Освен тоа, бараме тестирањето за хепатитис да влезе во годишните задолжителни систематски прегледи. Само така ќе знаеме колкав е бројот на заболени, колкава квота лекарста да се одреди и успешно да се лекува – вели Мирческа. 

За доктор Македонка Зероска, специјалист по семејна медицина од Прилеп бројот се зголемува, но и поради задолжителните тестирања што се прават кога младите се иселуваат од земјава. 

– Практиката покажува дека сме во рамките на светските статистики. Зголемениот број на заболувања, можеби дел се должи на задолжителните тестирања на младите кои заминуваат од земјава, па треба да им стои во пасошот. А токму тестирањата е начинот за борба против хепатитисот, без разлика дали е Б или Ц – вели Зероска. 

Едно тестирање за хепатитис чини 350 денари. Стратегијата на светската организација е ова вирусно заболување да се искорени до 2030 година.