Само со стратешки мерки и решенија Скопје ќе биде удобен за живот

69

Граѓанската иницијатива „Здравје пред профит“ во партнерство со „Институтот за комуникациски студии“ (ИКС) денеска со почеток од 14 часот во хотелот „Холидеј Ин“ го одржаа форумот насловен „Шанса за Скопје: Во каков град сакаме да живееме“. Форумот има за цел да го потенцира значењето на јавните простори врз квалитетот на животот на граѓаните во Скопје и да предложи алтернативни решенија во врска со урбаниот развој.

„Модели на одржливо општинско финансирање кои не зависат од такси на градежните дозволи“, „Урбанистичкиот план како алатка за подобрување на квалитетот на животот во градот“ и „Феноменологијата на градскиот простор“, беа трите панел дискусии на кои се разговараше на форумот.

Претставникот од „Институттот за комуникациски студии“, Дејан Андонов истакна дека заедно треба да се испрати пораката, дека јавните институции мора да преземат и да донесат стратешки мерки и решенија за решавање и подобрување за животната средина.

– Конститутот за комуникациски студии е партнер на оваа конференција, и ова е доказ дека ги поддржуваме сите граѓански иницијативи, невладини организации и активисти кои што сакаат да се вклучат во кампањата и заедно да ја испратиме пораката дека јавните институции мора да преземат и да донесат стратешки мерки и решенија за решавање и подобрување за животната средина. Сегашните мерки се само краткорочни и не носат резултати. Тоа што го поддржуваме во рамките на оваа кампања е изработка на макети со кои сакаме да направиме визуелен приказ од една страна на сегашната состојба кај паркингот на „Холидеј Ин“ и местото Буњаковец 2 кај фабриката „Треска“ и што би се случило кога би се реализирале деталните урбанистички планови и ќе се види дека тука имаме зголемена катност на објектите, многу голема густина на зградите што се градат, а остануваат тесните улички и нема воопшто урбано зеленило и паркови. Со ова сакаме да покажеме дека не се нудат одржливи решенија за развој на градовите, што е всушност и цел на нашата кампања да ги покажеме проблемите со кои се соочуваме, а  од друга страна експертите кои денес учествуваат во конференцијата ќе ги понудат мерките кои што се навистина потребни – рече Дејан Андонов од „Институттот за комуникациски студии“.

Од граѓанската иницијатива „Здравје пред профит“, Јана Белчева – Андреевска ги образложи шансите со кои нашиот главен град Скопје би бил удобен за живот.

– Денеска организираме една конференција под наслов „Шанса за Скопје: Во каков град сакаме да живееме“ со цел да поразговараме дали постои можност и шанса Скопје да стане поубав град по мерка на граѓаните, по мерка на човекот. Да размислиме дали можеме да направиме една стабилност во функционирањето на општините без тоа да се базира на издавање дозволи за градба, да направиме една стабилност во однос на тоа како понатаму урбано ќе планираме за да може да го чувствуваат сите граѓани градот удобен за живеење, дали е можно со вакви, како досега, наследени решенија да го поправиме или мора да направиме еден пресек за во иднина да носиме решенија и одлуки кои ќе бидат радикални, но ќе помогнат во разрешување на наследените проблеми – изјави Јана Белчева – Андреевска од иницијативата „Здравје пред профит“.

В.Т.