Самонегирањето води кон исчезнување на нацијата и на државата

472

ПРОИЗВОЛНИ ТОЛКУВАЊА И ПОИГРУВАЊА СО ИСТОРИЈАТА

Трендот на политичко поигрување со историјата особено се засили во последно време, со редица изјави на домашни и на странски политичари, чии изјави може да бидат на штета на националните интереси на Македонија

Произволното толкување на историјата од страна на политичарите често се користи за нивни дневнополитички потреби, но од друга страна, зад тоа се крие опасно поткопување на темелите на државата, но може да се доведе и под прашалник потребата за нејзино постоење во иднина.

Во една таква ситуација, кога секој се наоѓа повикан да каже кои сме, што сме, од каде сме, се пуштаат низ вода илјадниците научни трудови на домашните историчари, автентичните документи, историски записи и факти како и сето она што генерации и генерации го учеа во училиштата од ослободувањето до денес.
Трендот на политичко поигрување со историјата особено се засили во последно време, со редица изјави на домашни и на странски политичари, чии изјави може да бидат на штета на националните интереси на Македонија.

Во минатото имаше изјави од политичари од соседството од типот дека Македонците се всушност Бугари, па дека земјава е творба на Коминтерната, дека Тито ја именувал Македонија само заради територијални претензии кон Грција и Бугарија, па до последните изјави од типот дека Македонија ја крадела историјата од своите соседи, дека основоположникот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев, всушност, е Бугарин итн.

Историчарите сметаат дека со ваквите изјави се поткопуваат националните интереси.
– Ова е без преседан во историјата на човештвото. Премиер и претседател си ја негираат својата историја. Тие со ваквите изјави велат дека сè што било напишано ние сме го презеле од соседството, а сосем е обратно. Втора работа, се негира целокупната работа што е работена од македонските историчари, се негира архивската документација што постои во нашите архиви, во соседството, но и во европските архиви. Се негира и целокупната работа на Институтот за национална историја од 1948 година наваму – вели историчарот Тодор Чепреганов.
Според него, со ваквите изјави на премиерот и на претседателот на државата се негира и самата комисија што учествува во преговорите со Бугарија околу историските прашања, чија работа запна токму околу клучните фигури важни за македонската историја.

– Ова што ни се случува е невиден апсурд од светски рамки. Со овие изјави буквално се урниса целокупната работа на македонските историчари и токму од оние што треба да ги бранат националните интереси – додава Чепреганов.
Реакции имаше и од дел од академската јавност, но и од дејците во општествено-културната сфера.

– Во 99 проценти македонската наука, култура и уметност се беспрекорно коректни кон сите свои соседи. Доказ се над 70 илјади наслови на книги и публикации во нашите библиотеки и архиви. Зошто толку лаички и смртно опасно го поткопуваш нашиот духовен живот? Твоето површно гледање на работите може да го разори целиот образовен систем, кој и без тоа минува низ криза – реагира академик Божин Павловски на интервјуто на премиерот Зоран Заев дадено за грчката телевизија Алфа, во кое тој изјавува дека Македонија присвојувала дел од светската, но и од историјата на соседите.

Со слична реакција се јавува и режисерот и граѓански активист Владимир Милчин, кој смета дека нема нација што не присвојувала нешто.
– Господине Заев, знаете ли нација на глобусов што не присвојувала? Најголемите нации најмногу присвоиле. И територија и историја. Она што не можеле да го асимилираат, го набркале или го истребиле. Ме вџашува леснотијата со која демонстрирате скудно познавање на историјата и ги навредувате Македонците, кои паметат или знаат колку и кои војски газеле овде и што оставиле зад себе – вели Милчин.

Последните изјави на политичарите, иако правдани со изјави од типот дека се дадени заради откочување на одредени блокирани преговарачки процеси со соседите, сепак не одат во прилог на она на кое сите се надеваат, просперитетна и успешна Македонија, со европска иднина, иднина за која се бореле генерации патриоти низ историјата. Токму таа историја не треба да се негира, ниту, пак, да се заборави и избрише, тврдат познавачите на оваа област.