Сали Мурати е избран за нов претседател на Уставниот суд

190

Судијата Сали Мурати е избран за нов претседател на Уставниот суд и ќе стапува на функцијата на 1 ноември, кога на досегашниот претседател Никола Ивановски му завршува мандатот.

Тој е роден на 11 октомври 1966 во селото Врапчиште, Гостивар. По националност е припадник на турската заедница во земјава. Дипломирал на Правниот факултет при Белградскиот Универзитет во Белград во 1991 година, а правосудниот испит го положил во 2005 година.

Од 1993 до 2005 година работел во Бирото за правни и економски услуги – Гостивар како дипломиран правник. Од 2005-2012 година работел како адвокат во Гостивар.

Од дипломирањето, досега активно се занимавал со правната проблематика од областа на уставното право, правата на заедниците, слобода на мисла и вероисповест и меѓународно приватно право. Има објавено многубројни статии од правна проблематика во разни весници во државата и надвор од неа. Учествувал во над 15 меѓународни конференции со правна содржина во разни земји во странство. Особено работел на проблемите на немнозинските заедници во Р.Македонија. Во тој контекст има објавено бројни статии и учествувал на бројни програми на МТВ-2 и на македонското радио со правна тематика и актуелните правни проблеми во земјата. Во тој контекст во 2006 година бил добитник на престижната медиска награда, личност на година, “КУТЛУК ВЕЛИ“ и во 2007 година од Здружението АДЕКСАМ Гостивар за досегашна работа и допринос во правната област во РМ добитник бил на награда за особен придонес на интеграција и развој на правата на Турците во земјава.