Саити: Политичките пазарења на грбот на судството се штетни

62

Генерално, на општата доверба на граѓаните во правосудниот систем ќе влијае негативно, иако одредени политички структури и одредени структури од меѓународната заедница го поздравија овој чин, затоа што сметаат дека е едно ново поглавје од борбата против корупцијата и организираниот криминал, вели за случајот „Рекет“ Џемали Саити, претседател на Здружението на судии во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Во однос на законското решение за јавното обвинителство и дали тоа ќе биде цел на политички пазарења, Саити вели дека политичките пазарења имаат своја цена и тоа ќе се одрази некаде.
– Воопшто не е битно во какви услови е донесен законот, битно е што ќе се вгради како одредба. Се надевам дека ќе имаме помалку контроверзни одредби, кристално чисти, јасни одредби што ќе ја олеснат работата на судството. Политичките пазарења имаат своја цена и тоа ќе се одрази некаде. За жал, сите комбинации на грбот на судството се штетни. Неколкупати, и на јавната расправа во Собрание во однос на законот за судови, истакнав дека сите комбинации што се прават врз грбот на судството се штетни. Факт е дека суверенот, односно народот преку пратениците ги дефинира законите, постапките, но би го замолил сега суверенот да прави помалку процесни празнини, слабости што би се одразиле во однос на нашата примена во практиката – вели во интервјуто Саити, претседател на Здружението на судии.

Во однос на прашањето за ветингот, иницијатива што ја отфрли премиерот Зоран Заев со образложение дека може да останеме без судии, Саити вели дека доколку се пристапи кон овој процес така што ќе се обмисли од аспект на последиците што би биле по ветингот дали ние сакаме прочистување на судии или сакаме состојба да нема кој да суди.

– Ветингот е многу интересно прашање. Сведоци сме дека во јавноста имаме повремено изјави, некогаш одмерени, некогаш неодмерени. По мене, има две групи луѓе што даваат такви изјави. Во едната група би ги вброил луѓето што воопшто не размислуваат за правните последици што по ветингот. А втората група сметам дека одработува веројатно за некоја од политичките структури или за некој од центрите на моќ што инсистираат без целосна анализа да се има ветинг – резимира Саити.