САДУ предлага измени и дополнувања на Законот за извршување санкции

95

Синдикатот на администрација и државна управа на Македонија (САДУ) поднесе предлог измени и дополнувања на Законот за извршување на санкциите со кои бара измени во делот на правото на годишен одмор и стекнување старосна пензија, како и зголемување на надоместот за ризикот на работа во затворите.

-Бараме дополнително да се вметнат нашите предлози во новиот закон, што се од суштинско значење за правата на вработените во Управата за спроведување на санкции. Бараме измени во делот на правото на годишен одмор, каде што бараме да бидеме израмнети како и припадниците на полицијата и армијата, бараме зголемување на ризикот по категоризација на затворите од причина што работа во КПУ Затвор Скопје, КПД Идризово и КПД Штип, престојуваат лица од организираниот криминал на цела територија на земјава со казни над десет години, ризикот на работа во овие три установи е многу поголем, како и обемот на работа што е за неколку пати поголем од другите установи. Исто така бараме правото за стекнување на старосната пензија да биде изедначено со сродните служби како што е полицијата, велат од САДУ.

САДУ во неколку наврати, додаваат, во претходната година укажа на нетранспарентен и неконструктивен социјален дијалог, со што, потенцираат, поради селективност на социјалните партнери се чувствуваме изиграни и нашите барања не се вметнати во постоечкиот предлог закон.

-Затоа бараме да престане ваквиот однос од страна на овластените лица, што ја претставуваат државата и да се земат предвид нашите предлози и да престане тивкото нарушување на правата на работниците преку селективното преговарање. Во спротивно ќе ги преземеме сите правни и законски мерки, што ги имаме на располагање согласно законите и ве уверуваме дека во иднина повеќе нема да чекаме и ќе преземеме порадикални мерки за остварување на правата, што беа ветени, но очигледно дека нема желба да се исполнат и тивко се прифаќаат од страна на селективно избраните преставници на работниците, потенцираат од САДУ.