Родителите ја обвинија туристичката агенција за немилите настани со неготинските средношколци

1103

Советот на родители при Средното општинско училиште „Св.Кирил и Методиј” во Неготино, по одржаните родителски средби, разговори со класните раководители и со ученичката заедница на учениците од трета година, кои беа на екскурзија за Италија и Франција, утврди дека главен виновник за сите случувања и немили настани во врска со екскурзијата е сопственикот на агенцијата која го организираше патувањето.

Ова го објави Советот на родители на Фејсбук групата на училиштето. Родителите го утврдиле тоа заради, како што пишуваат, непрофесионалниот однос и нечовечкиот однос кон учениците и професорите, неисполнување на предвидената програма (заради неорганизираност со време, водичи, неплаќање паркинзи и слично), престоj во хотели кои се далеку од нивото на прикажаното во понудата, немање професионален водич на патувањето (непознавање на странски јазик), небезбеден и некоординиран превоз (доцнење, лутање по патиштата, немање на клима уреди и слично) и уште многу други неправилности кои се забележани во текот на патувањето од страна на професорите и учениците.

– За оправдување на сите недостатоци, односно непрофесионалност, сопственикот се служи со лаги и манипулации на јавноста, со фотографии од сомнителен карактер и меилови кои може секој да ги состави и нарача – стои меѓу другото во објавата на Совет на родители, кој од него едногласно бара јавно извинување заради омаловажување и исмејување на децата пред македонската јавност.

Од Советот додаваат дека учениците кои биле на екскурзија се културни и воспитани личности, кои и во градот, а и на екскурзијата, од искажувањето на професорите и вработените во хотелите каде што престојувале, се однесувале примерно без никакви инциденти и немили настани. Случајот со двајцата ученици оставени во Италија го испитуваат соодветни служби.