Ристевски ќе биде суден за убиството на сопругата, за кое тврди дека е невин

592
Борче Ристевски се соочува со 20-годишна затворска казна

Борче Ристевски ќе биде суден за обвинувањата за убиство на неговата сопруга Карен, во нивниот дом во Мелбурн во 2016 година, пренесува австралиската телевизија Еј-би-си њуз. 

Ристевски се соочува со обвинението за убиство на сопругата која последен пат била видена на 29 јуни 2016 година, на оддалеченост од околу 50 километри од националниот парк кај Маунт Маседон во северен Мелбурн, каде што нејзините останки беа пронајдени осум месеци подоцна, во февруари 2017 година.

Тој тврди дека е невин, како што се изјасни и пред судот во Мелбурн, додека неговите адвокати побараа обвиението на биде преиначено во убиство без умисла. Правниот тим на Ристевски тврди дека никогаш немало насилни испади во бракот на Борче и Карен, и оти нивниот клиент нема никаква корист од убиството на сопругата.

Судијката Сузан Камерон посочи дека обвинителството доставило доволно докази за однесувањето на Ристевски по исчезнувањето на Карен, за да има судење, и покрај тоа што се посредни. 

– Имајќи увид во однесувањето по исчезнувањето, сметам дека поротата треба да одлучи дали господинот Ристевски ја предизвикал смртта на Карен Ристевски и дали имал убиствена намера – кажа Камерон.

Во текот на двонеделното сослушување, судот слушна докази за честите караници на двојката Ристевски поради финансиските проблеми со семејниот бутик и долговите од стотици илјади долари. Борче и Карен се карале, пред таа, наводно, да „излезе на прошетка за да ги разбистри мислите“, утрото кога исчезнала.

Борче Ристевски првобитно и кажал на полицијата дека дента работел од дома, за неколку дена подоцна да потврди како го возел автомобилот на Карен, до бензинска пумпа за да наполни гориво, истиот ден кога таа исчезнала. Властите ја оспоруваат приказната на Македонецот од Австралија, сметајќи оти возел во националниот парк Маунт Маседон, за да се ослободи од телото на сопругата.

Сослушувањето на Ристевски во Врховниот суд е закажано за понеделник.

Карен (лево) со Борче и со нивната ќерка Сара