Ризикот од западнонилска треска е голем, мора да се внимава

399

ВО МАКЕДОНИЈА ЗАСЕГА НЕМА РЕГИСТРИРАНО СОМНИТЕЛНИ СЛУЧАИ

Луѓето треба да се заштитат од комарци, да ги мачкаат кожата и облеката со средства против комарци постојано, да се облекуваат соодветно, да не се разголени особено во самрак и во зори кога излегува комарецот и шета

Резултатите од двата сомнителни случаја се негативни, но сепак ризикот од појава на западнонилска треска постои. Ова го изјави вчера професорката Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје, откако пред неколку дена беа регистрирани два сомнителни случаја. Во меѓувреме, заразени и смртни случаи има насекаде во регионот, а најмногу во Грција и во Србија.

– Ризикот постои секаде онаму каде што го има комарецот, но и сите други комарци. Заболени има во Грција, Србија, Романија, Унгарија. Во минатото имало случаи, кои не дале податок дека патувале надвор, а биле заразени, така што не е чудно ако и во нашата држава ги има комарците. Овие два случаја што беа сомнителни се испитани и резултатите се негативни. Нови сомнителни случаи засега нема, што не значи дека ќе нема и понатаму, бидејќи сезоната е во тек. Ја следиме состојбата постојано, пријавуваме ако имаме случај, вршиме засилен надзор, мерки на дезинсекција на терен – вели епидемиологот Кузмановска.

Граѓаните треба сами да се штитат, додава таа, односно да внимаваат на своето здравје особено во овој период.
– Луѓето треба да се заштитат од комарци, да ги мачкаат кожата и облеката со средства против комарци постојано, да се облекуваат соодветно, да не се разголени особено во самрак и во зори кога излегуваа комарецот и шета. Сега е ек на одмори, ако одат во Грција да се заштитат, да внимаваат да не оставаат во дворовите застоена вода во базенче, барички и слично, оти на комарецот му е потребна капка вода за да се размножи – препорачува професорката.

Последен пат смртни случаи од западнонилска треска беа регистрирани во 2012 година, кога имавме седуммина заболени и три смртни случаи.
Дождовите и свежото време што ги имавме кај нас и во регионот, создаваат совршени услови за размножување на комарците. Некои од нив се заразени со вирусот на западнонилска треска, кој може да биде опасен за човекот, а може да доведе и до смрт ако пациентот има и други хронични болести. Во соседна Србија се регистрирани 102 заразени лица, од кои деветмина починале од западнонилска треска.

Симптомите се главоболка, вкочанетост на вратот, слабост на мускулите.
– Најголем број од инфицираните, немаат никакви симптоми и знаци на инфекција. Околу 20 отсто од случаите имаат симптоми на вирусна инфекција, а некои не ни знаат дека дошле во контакт со овој вирус и го поминуваат без компликации. Но има мал процент пациенти со хронично заболување, на пример хипертензија или некое кардиоваскуларно заболување или шеќерна болест, па кај нив се прави инфекција на пример, менингитис или енфецалитис, а тоа се симптоми поради кои луѓето задолжително се јавуваат на лекар – вели д-р Дарија Кисич, епидемиолог.