Министерката за правда, Рената Дескоска се обрати на денешната конференција насловена „Поглавје 23: Македонското сидро или едро“, која се одржа во организација на Институтот за европска политика (ЕПИ).

Изгласаните закони во областа на правосудството и борбата против корупцијата како Законот за Судовите, Законот за Судскиот совет и Законот за управни спорови, Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите и новоформираната ДКСК, овозможувањето пристап до правда за маргинализираните категории граѓани, драстично намалените казни за фирмите и граѓаните, новата тарифа за извршителите и нотарите – се дефинитивно едро и ветар во грб за целокупниот процес на интеграции кои нè придвижуваат кон заедничката цел: Членство во Европската унија.

-Денешнава конференција има многу креативен наслов, „Поглавје 23: Македонското сидро или едро“, кој претпоставувам упатува на една метафора на целокупниот процес на евроинтеграции, како еден тип којшто не влече напред кон подобри состојби во државата, но, кога ќе ги постигнеме стандардите, се надевам дека ќе успееме тие вредности да ги засидриме во нашата држава и да ги исполниме очекувањата на граѓаните во делот на правосудството и заштитата на човековите права, нешто што се наметнува како насушна потреба на сите граѓани-потенцираше Дескоска.

Како своевидна потврда за успешно спроведените реформи, министерката Дескоска ja цитираше изјавата на Еврокомесарот Хан од отворањето на Виенскиот економски форум: „Чест ми е да ја презентирам успешната приказна на Северна Македонија. Приказна за тоа како една визија, политичка промена и определба може да го измени патот на земјата. Честитки за Северна Македонија“.

Во насока на воспоставување на независно, непристрасно, одговорно и ефикасно судство, министерката Дескоска елаборираше околу преземените активности за реконструирање на законската рамка во правосудството.

-Изготвивме, нов Закон за Судскиот совет, како и измени на Законот за судови, за кои Венецијанската комисија даде позитивни мислења. Имено, Комисијата заклучи дека реформите во правосудството се позитивни и дека постои усогласување на домашното законодавство со меѓународните стандарди. По однос на предлог Законот за Судскиот совет, Венецијанската комисија оцени дека одредбите се јасни и во согласност со меѓународните стандарди, а нивната правилна имплементација може да обезбеди независност и ефикасност на судството- истакна Дескоска.

Со измените на Законот за судовите се доуредија и зајакнаа одредбите за дисциплинска одговорност на судиите, прецизни основи за разрешување на судиите, покачување на критериумите за избор на судии, како и задолжителна Академија за избор на судии.

-Во новиот Закон за Судскиот совет имаме воспоставени механизми за одговорност на самиот Судски совет доколку не ја врши својата работа. Значи, одговорните судии доколку не бидат казнети или разрешени од страна на Судскиот совет ќе повлечат одговорност на самите членови на Судски совет – потенцираше Дескоска.

По однос на наодите од претходната година, утврдени во Првиот извештај од надзорот за функционирање на АКМИС системот, во моментов пред Основното јавно обвинителство Скопје, се води предистражна постапка.

-Околу злоупотребата на АКМИС-от или распределбата на предметите, ставена е основа за одговорност на судија којшто ќе прими предмет распредлен надвор од АКМИС системот, следи постапка за разрешување, исто така и за претседател на Суд којшто ќе распредели предмет надвор од АКМИС-от, ќе биде разрешен. Покренатите кривични постапки за одговорност за злоупотрба на АКМИС системот даваат резултати. Од почетокот на оваа година формиравме комисија којашто прави надзор во повеќето судови како функционира АКМИС системот- истакна Дескоска.

Досега е завршен надзорот над шест судови, поднесени се извештаи, веќе има драстично различна ситуација од претходниот период. Сега резултатите покажуваат дека претседателите не се дрзнуваат да распределуваат предмети под рака или на начин недозволив од законот.

-Круна на целокупната работа беше донесувањето на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, и изборот на новата антикорупциска комисија, што покажува дека навистина имавме искрена и добра волја во креирањето на законската рамка. Оваа искреност се одразува во секојдневните активности на ДКСК, каде гледаме посветено работење коешто ги дава своите резултати- потенцираше министерката.

Министерката Дескоска се надева дека со почетокот на имплементацијата на Законот за Судски совет и Законот за судовите – таквата промена ќе ја видиме и почуствуваме во Судскиот совет, како резултат на она што е направено со креирањето на законската рамка.