Ресоцијализацијата најдобро решение за повратниците од ИСИЛ

67

ПРОФЕСОР ЕРОЛ САУТЕРС, ПОРАНЕШЕН АГЕНТ НА ФБИ

Како поуспешно да се спречат терористичките закани, колку светот е безбеден од насилниот екстремизам и како Македонија и САД соработуваат во битката со безбедносните закани, се некои од темите за кои во интервју говори професорот на Универзитетот на Јужна Калифорнија Ерол Саутерс, кој е поранешен специјален агент на Федералното истражно биро (ФБИ) и советник за безбедност на гувернерот Арнолд Шварценегер и на поранешниот американски претседател Барак Обама.

Колку светот денес е побезбеден од тероризмот и насилниот екстремизам по случувањата на 9 септември?
– За жал, морам да констатирам дека тероризмот и насилниот екстремизам и денес се присутни, и по серијата немили настани што се случија изминативе дваесетина години во САД и насекаде во светот и по опсежните државни политики на Западот против овие закани. Она што може да се заклучи дополнително од оваа перспектива е дека заканите по безбедноста на државите во овој период добија две нови димензии. На почетокот терористичките закани потекнуваа од групи и поединци што беа предводени од исламски мотивирани причини, а во последните години терористички закани за државите се закануваат и од крајно десноориентирани центри на моќ и индивидуи.

Како Македонија, но и државите од регионот, во соработка со САД може поуспешно да се справат со терористичките закани што им се закануваат, а потекнуваат од лица што се поранешни борци, но и симпатизери, на целите на блискоисточната терористичка организација Исламска држава (ИД), која дејствува во Сирија и во Ирак.
– Сите ние во светот во моментов бараме успешно решение на проблемот што не ги мачи само Македонија и САД туку има глобални димензии. Токму за решавањето на овие закани честопати имам полемики со моите колеги од Британија, Франција и од Германија и, оттука, слободно можам да заклучам дека решението на проблемот со овие луѓе, кои се т.н. домашни терористи, во најголема мера лежи во нивната ресоцијализација и прифаќање во општествата од кои потекнуваат. Јас верувам дека државите, доколку сакаат да го решат овој проблем, не треба да се фокусираат само на ресоцијализацијата на индивидуите што се задоени со тероризам туку на ресоцијализација на целите локални заедници од каде што потекнуваат овие лица.

Која е најуспешна формула за намалување на ризикот од терористички напади?
– Државите треба да се обидуваат тесно да соработуваат со оние групи луѓе што може да бидат проблем. За да се намали ризикот од терористички опасности и насилен екстремизам, земјите треба да најдат начин како да ја победат идеологијата на радикалните групи, бидејќи само на тој начин проблемот се решава долготрајно.

[email protected]