Ректорот на УКИМ ги отфрли тврдењата на антикорупциската комисија

59
Никола Јанкуловски

Ректорот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски, преку соопштение до јавноста реагираше на тврдењата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која вчера соопшти оти било утврдено дека тој земал плати на две работни места – една од Клиниката за дигестивна хирургија и една како ректор на УКИМ.

– Сè до финалната правна разврска на неиздржаната инсинуација со која се прави обид да се нарушат мојата чест и авторитет како ректор на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и редовен професор на Медицинскиот факултет во областа на дигестивната хирургија, дозволете ми повторно да го изразам моето неверување и да поставам отворено прашање во согласност со кој член од кој пропис (Законот за спречување корупција и судирот на интереси) и многубројните законски и подзаконски акти што ги регулираат работата и дејноста на УКИМ, ДКСК ја детектирала корупцијата, во согласност со кој член од кои прописи го утврдила судирот на интереси, или во согласност со кој член од кој пропис земањето плата и функционален додаток на плата, кој не е плата, претставува корупција или судир на интереси – се наведува во реакцијата на Јанкуловски.
ДКСК објави дека Јанкуловски не го ставил во мирување своето работно место на Дигестивна хирургија по изборот за ректор, што требало да го стори во согласност со законот.

– ДКСК предлага Универзитетската клиника за дигестивна хирургија во Скопје да донесе решение за ставање во мирување на работниот однос на Никола Јанкуловски, да се усогласат договорите меѓу Сенатот и ректорот во согласност со Законот за високо образование, да се утврдат критериумите за одредување на висината на платата на ректорот. Тоа што досега не е регулирано со закон како работен однос на ректорот – рече членот на ДКСК Шемши Салаи.
Ректорот на УКИМ посочи уште неколку аргументи што антикорупциската комисија не ги зела предвид.

– За да може ректорот да биде ректор, најпрвин треба да биде професор. За да биде професор на Медицинскиот факултет, треба да има двоен работен однос на соодветната клиника и на Медицинскиот факултет. Професорите на клиничките предмети во согласност со наведените прописи земаат една плата од два работодавци, од Медицинскиот факултет и од соодветната клиника. Тоа што ректорот го прима од Ректоратот е само функционален додаток на плата додека ја врши функцијата ректор.

Тоа не е плата. Ректорот не може 30 отсто да врши здравствена дејност како што тврди ДКСК доколку не е вработен во здравствена установа. Неосновани, противуставни и противзаконски се и обвинувањата за непостоење на правилник што „требало“ да го донесе директорот на Клиниката за дигестивна хирургија кога постои Колективен договор за здравствената дејност врз чија основа, по коефициенти, се врши исплатата на плати во здравствената дејност – заклучува Јанкуловски.