Реакција на ХЕРА

171

По написот насловен „Македонија меѓу топ десет земји според бројот на новозаразени со ХИВ“, од 26 октомври, со своја реакција и барање за исправка се јави здружението ХЕРА – асоцијација за здравствена едукација и истражување.

Имено, „Нова Македонија“ повикувајќи се на извештај на Агенцијата за борба со сидата при Обединетите нации (УНАИДС) објави дека Македонија е меѓу десетте земји со најголем пораст на бројот на новозаразени со ХИВ во периодот од 2010 до 2018 година, во однос на претходниот период.

Во дописот од ХЕРА, кој е потпишан од извршниот директор Бојан Јовановски, пак, се тврди дека погрешно е пренесена информацијата од УНАИДС и дека не е направена разлика помеѓу поимите: новооткриени (новодијагностицирани) и новоинфицирани (новозаразени).

– Помешување на нешто што претставува сооднос изразен како процент (т.е. за колку проценти се зголемил бројот на нови дијагнози во периодот 2010-2018 во однос на бројот на нови дијагнози во целиот претходен период до 2010 година) со нешто што претставува апсолутен број (т.е. како што целосно погрешно наведува статијата „Македонија е меѓу топ десетте земји во светот според бројот на новозаразени со ХИВ“). Во извештајот на УНАИДС стои дека има пораст на стапката на нови дијагнози на ХИВ за периодот од 2010 до 2018 година за 88 проценти, додека насловот на споменатата статија наведува дека државата е во првите десет според „бројот на новозаразени“ – се вели, меѓу другото, во дописот на ХЕРА.

Од ХЕРА остануваат на ставот дека „глобално, нашата земја спаѓа во земјите со ниско ниво на епидемија на ХИВ, а регионално меѓу земјите со најниско ниво на епидемија, како според проценетиот апсолутен вкупен број на лица што живеат со ХИВ, така и според проценетата преваленца на ХИВ“.