Расте бројот на уличните питачи

556
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Бројот на уличните питачи, главно деца на помала возраст и жени со бебиња, во Кичево, но и во повеќето градови од западниот дел на земјава, е во постојан пораст, а единствено главниот град поседува објект за нивен прифат

Последните неколку години бројот на уличните питачи во Кичево, но и во повеќето градови од западниот дел на земјава, е во постојан пораст. Најприсутни се деца на помала возраст и жени со бебиња, но и малку повозрасни деца, кои за да привлечат внимание лежат по тротоарите со картон под себе и со едното око ги набљудуваат реакциите на минувачите, дали некој ќе остави некој денар или некое евро во кутијата што се наоѓа во нивното видно поле.
Не е мала ниту групата на деца на возраст од пет до десет години што секојдневно крстосуваат по градските кафулиња и одат од маса на маса за да добијат понекој денар од присутните гости.

Се обративме до сите релевантни структури во градот за да добиеме одговор кој е надлежен за надминување на овој, низ годините, сѐ поизразен проблем. Од полицијата ни беше речено дека во повеќе наврати од страна на нивни претставници биле повикувани овие лица, им биле пишувани и пријави, но по целата процедура тие на своја одговорност се враќале на улица и продолжувале со истата практика.
И од Центарот за социјална работа истакнуваат дека во повеќе наврати социјален работник излегувал на терен, питачите биле повикувани во нивните канцеларии, им било укажувано дека ако не престанат со питачењето, ќе им биде укината социјалната помош што во моментов ја добиваат, но сето тоа не било доволно да се повлечат од улица. Од центарот додаваат дека проблемот, барем делумно, можел да се реши ако градот поседувал сопствен објект за згрижување на малолетните лица и дека токму поради немањето на ваков објект децата остануваат на улица.

Инаку, единствено главниот град поседува објект за прифат на мали деца, додека другите градови во земјава немаат со соодветен простор.
Граѓаните истакнуваат дека оваа појава се омасови откако се дозна дека печалбарите се дарежливи и редовно им оставаат пари на питачите.

– Добро е познато дека нашите печалбари се дарежливи луѓе, а тоа го знаат питачите од повеќето градови во земјава и тоа е уште една причина зошто во толкав број ги има на кичевските улици. Тоа може да се забележи во одредени градски населби каде што престојуваат питачите, во привремени објекти или шатори и тука остануваат повеќе месеци, а некои и подолго – вели една од жителките на Кичево во чија близина ноќеваат овие лица.