Рангелова: Оние што се обвинети лица да не зборуваат за законот за ЈО

473

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, од собраниската говорница им се обрати на сите пратеници, а особено на своите колеги од партијата, од каде што им порача дека сите што се дел од случаи како обвинети лица, дел од предистражна или истражна постапка која била водена од ОЈО или СЈО, да не влегуваат во расправа за законот и да не се јавуваат за збор на пленарната седница. И таа самата рече дека нема да го каже своето мислење за предлог-текстот на законот за ЈО, иако е обвинета во случај на СЈО.

– Јас денес нема да зборувам за законот бидејќи сметам дека како пратеник што е инволвиран во случај од СЈО не би требало, додека нема завршница на мојот случај, да зборувам за овој закон. Ова го зборувам бидејќи сметам дека е принципиелно оние што се инволвирани во некакви случаи да не учествуваат ниту во приговори ниту во изјаснување за овој закон. Прво, бидејќи сметам дека ние како луѓе, кои сме дел од предмети, имаме пресумција на невиност, но секогаш може да се каже меѓу граѓаните дека имаме конфликт на интереси. Нормално е кога сме засегнати, да не говориме. Имам свое мислење за законот, кога ќе дојде време, ќе го кажам. Можам да зборувам како паталец, а не како гаталец. Би сакала да има добро законско решение за утре да не може некој да го злоупотреби овој закон, да нема правни слабости, да завладее правото во нашата држава, за граѓаните да чувствуваат правна сигурност – рече Рангелова од собраниската говорница.

Таа им порача на пратениците од своите редови личните работи да ги остават за дома, а во пленарната сала да дискутираат за предлог-текстот на законот за ЈО.

– Жал ми е што гледам дека колеги од ВМРО-ДПМНЕ, без разлика дали се независни или пратеници од оваа пратеничка група, учествуваат во едно самоуништување на партијата. Би сакала ова да престане веднаш. Имаме за што да зборуваме, а тоа е законот. Личните работи да ги оставиме за дома. Затоа, ќе кажам – сите што се засегнати во случаи, дали се обвинети, во истражна или предистражна постапка, да не влегуваат во расправа за овој закон бидејќи граѓаните ќе кажат дека го зборуваат тоа пристрасно – додаде Рангелова.

Пред неа од собраниската говорница зборуваше нејзиниот колега Илија Димовски, кој е обвинет во случајот „Талир“.