Ракети на „Еуроспајк“ презентирани во Скопје

70
Ракетите функционираат по принцип на камера Фото: Игор Бансколиев

Германската компанија „Еуроспајк“ претстави четири ракетни проектили на презентацијата одржана завчера во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје. Присутните можеа да ги видат моделите „спајк ЕР2“, „спајк ЛР2“, „спајк СР“ и „спајк фајрфлај“.

– „Еуроспајк“ беше основана за да ги поддржи основните потреби на армијата на Германија. Европските држави ги прифаќаат сертификатите на „Еуроспајк“. Моментно, спајк-системите ги користат 18 држави во ЕУ и во НАТО, а вкупно 35 држави се клиенти на компанијата. Седумдесет отсто од оружјето што го набавуваат земјите од ЕУ е од оваа компанија. Специфично е што клиентите можат да разговараат со креаторот на оружјето и со дизајнерите. Не станува збор за обични состаноци, туку клиентите можат да го видат и опипаат оружјето, кое е достапно – истакна Сајмон Адсхед од одделот за маркетинг на „Еуроспајк“.

На презентацијата беше присутен и Арон Лави, менаџерот на компанијата „Рафаел“, кој детално го опиша начинот на функционирање на ракетните системи.

– Во 1973 година Израел беше во војна, а од тоа произлезе потребата за ваква компанија. Тогаш првпат се соочивме со противтенковски ракети и имавме илјадници жртви поради неподготвеност. Од 1974 до 1979 година беше создаден прв примерок на електрооптичка ракета. Оттогаш поминаа 40 години и сега произведуваме повеќе ракетни системи и муниција за ракети. Ракетите функционираат по принцип на камера. Како што се движи и камерата, така се движи и ракетата. Тие се многу прецизни, сликите се бистри и можете да ја погодите целта. Нивна најважна карактеристика е што не можат да бидат попречувани од ГПС-уреди, што е актуелно сега во светски рамки. Ракетите се управувани од човечка рака или со систем на инертна навигација. Позитивно е што сѐ зависи од човечкиот фактор, затоа што ракетата може да го промени правецот кога сакате – објасни Лави.
Гостите имаа можност да видат и симулација од моделот „спајк СР“. Б.Ст.