Разуздената урбанизација ги потопува градовите

126
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Неодржувањето на водотеците, лошите урбанистички планови, недоизградената атмосферска канализација се само некои од факторите зад кои стои човек, а кои, зад секој поголем дожд, резултираат со огромни материјални штети и неретко дури и со загуби на човечки животи

Излевањата на атмосферските води при секој поголем врнеж, какви што деновиве се случуваа во Белград, а кои не се ретка појава ниту во населените места низ Македонија, во пошироката јавност најчесто им се припишуваат на екстремните временски услови како резултат на глобалните климатски промени. Но поупатените се категорични дека во денешни услови за таквите појави сѐ помалку може да се зборува како за последици на природни катастрофи, а сѐ повеќе како за резултат на човековата негрижа.

Неодржувањето на водотеците, лошите урбанистички планови, недоизградената атмосферска канализација се само некои од факторите зад кои стои човек, а кои резултираат со огромни материјални штети и, неретко, дури и со загуби на човечки животи.

При поголеми врнежи, во Скопје на пример, се потопуваат сите надвозници, а неделната временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи вели дека времето ќе биде нестабилно, со поројни дождови и грмежи, а локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со засилен ветер и услови за појава на град.

Најголемиот дел од канализацијата во Скопје е направен по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, а оттогаш многу малку или недоволно е сработено на овој план. Експертите за овој проблем велат дека како што растат населбите, така треба да се менува и инфраструктурата.

– Се прават детални урбанистички планови, каде што се зголемува бројот на објектите, како и нивната висина, а со тоа се зголемува бројот на домаќинствата, што повлекува зголемување на капацитетот на подземната инфраструктура. На пример, во населбите Влае, Тафталиџе 1, Тафталиџе 2, каде што порано имаше само бараки, кои се приземни објекти, сега со развојот на градот и новите урбанистички планови се предвидуваат повеќекатници или станбени згради со повеќе станбени единици (станови), а со тоа се јавува потреба од зголемување на капацитетите на старите атмосферски канализации, како и фекалните канализации и водовод. Инфраструктурата е стара, како што растат населбите паралелно треба да расте и инфраструктурата – објаснуваат експертите.

По големата поплава во Скопско пред нецели три години, само привремено беше актуализирано прашањето за стандардите што треба да се почитуваат при донесувањето на урбанистички планови.

И УХМР во своите анализи посочува дека има зачестена појава на „урбани поплави“, кога водата од врнежите паѓа на бетонските урбани површини и брзо излегува на улица, каде што прави вирови на одредени места, или пак преку канализација ги поплавува подрумите.

– Некогашните зелени површини, каде што земјата ја впивала водата, сега се претворени во бетон или на место на некогашните зелени дворови сега има изградено подземни гаражи и подруми. На овој начин се прекинува природниот процес на впивање на дождовната вода во почвата – се вели во анализата од УХМР.

Полошкиот регион, пак, се наоѓа во зона со највисок ризик од поплави, одрони и свлечишта. Особено е ранлив градот Тетово, од излевање на реката Пена. Студиите изработени со поддршка на УНДП утврдија дека последиците од поплавите се резултат на комбинација на недоволни структурни мерки (инфраструктура) и недоволен капацитет на надлежните институции. Врз основа на студиите и плановите изработени со поддршка на УНДП започна особено важен процес на мобилизирање средства за реализација на клучните потребни инвестиции.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

[email protected]