Размена на војници меѓу Македонија и НАТО

396
Фото: Дарко Андоновски

Со законските измени се дефинираат правилата за ангажман на нашите војници во мисиите на НАТО, но исто така се овозможуваат и непречено распоредување и транзит низ нашата земја на воените сили и капацитети на НАТО

Министерството за одбрана подготвува предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за одбрана со кој се дефинираат правилата за ангажман на нашите војници во мисиите на НАТО.

– Со овој предлог-закон ќе се овозможи распоредување на припадниците на Република Северна Македонија надвор од територијата на Република Северна Македонија во операции и мисии на НАТО на задолжителна основа, како и непречено распоредување и транзит низ Република Северна Македонија на силите и капацитетите на НАТО – се вели во образложението на предлог-законот објавено на Единствениот национален електронски регистар (ЕНЕР).

Понатаму уште се наведува и дека главна цел на предлогот е продолжување на реформите во одбраната на нашата држава.

Од Министерството за одбрана истакнуваат дека во моментов се врши внатрешна дебата, во која се дефинираат измените што треба да се состојат во предлог-законот за одбрана.

– Кога комплетно ќе се дефинираат измените во предлог-законот составени со помош на искуствата на НАТО-државите од регионот, како Црна Гора и Словенија, дури тогаш сето ќе биде објавено, по што ќе следува и општествена дебата пред законските дополнувања да пристигнат во парламентот – објаснуваат од Министерството за одбрана.

Во контекст на актуелните случувања може да се издвојат и регионалните искуства на другите држави од регионот во релациите со НАТО.

Имено, во стручна студија поврзана за овие состојби во Хрватска, која е насловена „Учество на Република Хрватска во безбедноста и можност за регионална соработка“, од авторот Марин Греговиќ, пишува дека пред и по влезот на Хрватска во НАТО се извршени потребните приспособувања на основните прописи и закони што ја регулираат одбранбената политика на земјата.

Во студијата се истакнува дека во тој правец на приспособување со стандардите на НАТО биле извршени измени во Законот за одбрана и Законот за служба во вооружените сили на Република Хрватска.

– Со измените во Законот за одбрана се разработуваат некои од уставните категории со кои се врши поделба на одговорностите во управувањето, користењето и употребата на вооружените сили на државата. Во тој правец беа извршени промени и во Законот за служба во вооружените сили на Хрватска со кои се адаптираа одредени законски решенија, поради подобра поддршка на реформите во земјата и подобриот развој на вооружените сили во нови околности. Натаму, со Законот за служба во хрватските вооружени сили беа воспоставени и нови рамки на односи и дејствувања внатре во армијата меѓу професионалните вооружени сили и интероперабилни со вооружените сили на државата – пишува во студијата.

Овие промени во законите имале за цел по влезот на земјата во Алијансата да ѝ дадат нов концепт и правна рамка на државната одбрана, која ќе биде усогласена со новите геополитички реалности и меЃународноправната позицијата на Република Хрватска.
Од друга страна, и Црна Гора кога пристапувала во НАТО извршила одредени законски промени во делот што ги регулира односите на државата со Сојузот.

Белградскиот весник „Вечерње новости“ на оваа тема пишува дека собранието во Подгорица изгласало закон со кој на НАТО-војниците што влегуваат и се задржуваат во државата им се дава посебен статус.

– Со законските промени им се гарантира посебен статус на војниците на НАТО во Црна Гора, а тоа значи дека целата кривична и дисциплинска надлежност над нив ги имаат државите што ги испратиле во земјата, а не домаќинот. Со овие промени за војниците на Алијансата не важат црногорските правила за пасошите и визите, како ни надзорот за време на поминувањето преку границите и тие нема да бидат контролирани како странци туку од нив ќе се бараат само основни документи, на пример лична карта или здравствена книшка. Со законските измени Црна Гора се откажува од сите побарувања на штета што можат да настанат за време на престојот на службена должност на копнените сили на НАТО или морнарицата и воздухопловството над нејзиниот воздушен простор – пишува весникот.

Фото: Дарко Андоновски

Структура што гради еден цел вредносен систем

НАТО не е само политички и воен сојуз, туку структура што гради еден цел вредносен систем, се вели во заклучоците на научната дебата што се одржа вчера во МАНУ, во организација на Центарот за стратегиски истражувања на академијата.
– Врската меѓу НАТО и економијата не се однесува само на инвестиции во одбраната, тоа е повратна врска. Ние тие резултати ги видовме и пред членството. Не е случаен фактот дека токму во 2018 година, кога покажавме голема амбициозност и ја добивме поканата за членство во Брисел, успеавме да забележиме речиси четирикратно зголемени директни странски инвестиции – истакна пред учесниците министерката за одбрана Радмила Шеќеринска.
Пред присутните говореше и претседателот на МАНУ, Таки Фити, кој посочи дека нема сомнение дека економските придобивки од пристапувањето на земјата во НАТО ќе бидат големи.
Тој истакна дека голем број студии покажуваат дека постои позитивна корелација меѓу членството во НАТО и динамиката и квалитетот на економскиот пораст и развој на новопримените држави во периодот од 1999 до 2009 година.
Фити појасни дека тие позитивни ефекти се пренесуваат преку три канали – зајакнување на владеењето на правото и ефикасен правосуден систем, изградба на пријателска инвестициска клима и зголемување на очекувањата на домашните инвеститори, кај кои расте довербата во македонската економија.

[email protected]