Работниците од Кина немаат коронавирус, но ќе поминат 14 дена во карантин

117

Двете лица од Кина, кои се работно ангажирани од кинеската компанија „Синохидро“, а кои вчера пристигнаа во државава немаат симптоми на коронавирус и се ставени под здравствен надзор, информира доктор Жарко Караџоски од Институтот за јавно здравје.

Тој кажа дека лицата веќе биле во карантин 14 дена во Кина.

– Со полна заштитна опрема заедно со двајца лаборанти од одделението за вирусологија ги пречекавме двете лица на аеродромот, постапивме согласно сите критериуми за спроведување епидемиолошки надзор. Разговаравме за нивната здравствена состојба. За периодот од 14 дена додека биле во самоизолација овие лица немале никакви знаци на клиничка симптоматологија – истакна д-р Караџоски.

Согласно протоколите, двете лица се ставени под здравствен надзор од 14 дена во соба за изолација.

– Сите лица кои ќе пристигнуваат од Кина, ќе бидат спроведени во соба за изолација и ќе им се земат соодветни материјали за микробиолошки анализи и брисеви, врз основа на кои ќе се дијагностицира евентуално присуство на коронавирус, и ќе бидат поставени во 14-дневен надзор согласно законските регулативи и прописи – додаде д-р Караџоски.