Работна средба на Димитров со амбасадорите на земјите од вишеградската група

39

Во организација на амбасадорот на Чешката Република, земја која тековно претседава со вишеградската група (В4), денеска се одржа работна средба на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, со амбасадорите на земјите од оваа група.

Во оваа група, покрај Чешка, членуваат и Полска, Унгарија и Словачка.

Како што информираат од Министерството, Димитров ги брифирал амбасадорите за последните внатрешнополитички случувања, резултатите во клучните реформиски области, а сето тоа во контекст на потребата од октомврискиот совет на ЕУ да усвои одлука за почнување на пристапните преговори за членство во Европската Унија.

Министерот се заблагодарил на досегашната поддршка на земјите од В4 на процесот на пристапување, како и на секоја од земјите од регионот одделно.

Оваа поддршка неодамна беше уште еднаш демонстрирана преку одржување на првиот самит на премиерите од В4 и Западен Балкан.