Работилници за поддршка на жените и на самохраните мајки

572

На жените им е потребна едукација за нивните права и потреби, како и препораки за воспоставување родова еднаквост, велат во здружението на самохрани мајки

Здружението на самохрани мајки „Една може“ ќе организира неколку неформални работилници, на кои ќе се зборува за женските права и можности. Проектот „Жените можат“ вклучува жени, девојки и девојчиња од сите генерации и деца на жените-мајки, кои се интересираат за креативно практикување женско културно и социјално, интердисциплинарно самојакнење. Целта е учесниците да се зајакнат, да бидат информирани и да стекнат знаења и вештини за разбирање на родовите нееднаквости, во контекст на општественото функционирање, но и во контекст на индивидуалните права.

– Проектот воведува уникатни приоди и методологии за да ја издигне свеста на учесничките за различните нерамноправни улоги и одговорности на жените и мажите во секој поединечен контекст. Исто така, проектот ќе овозможи граѓанска едукација за правата, потребите и препораките за воспоставување родова еднаквост, теоретски, практични и креативни интердисциплинарни, неформални работилници. Резултатот треба да биде промена во перцепциите и знаењата на учесничките – велат во здружението.

На работилниците ќе зборуваат активистки од женски граѓански организации. За жените во политиката ќе зборува д-р Дијана Стојановиќ Ѓорѓевиќ, за женските работнички права ќе зборува Ана Василева, за родово базирано насилство и за семејно насилство ќе зборува феминистката и активистка Билјана Настовска, а за културолошките родови димензии ќе зборува д-р Ана Мартиноска.

Овој проект ќе ги обедини академските знаења, практичните примени низ живото искусување и креативноста, во служба на осознавање и дејствување кон родово рамноправно општество. Сите права над проектот се во интелектуална сопственост на координативниот тим и истите тие се заштитени преку Агенцијата за заштита на авторските права. Проектот се имплементира со поддршка на Министерството за култура.

Работилниците ќе се одржуваат во просториите на здружението за самохрани мајки во Капиштец. Ќе почнат од идниот месец и ќе траат сѐ до крајот на годината. Повеќе информации има на фејсбук-страницата на „Една може“. А.П.